– САД испратија 230 товарни авиони и 20 брода натоварени со оружје и воена опрема во Израел од избувнувањето на судирите во Газа на 7 октомври, објавија израелските медиуми вчера.
Американската воена помош вклучува артилериски гранати, оклопни возила и основни борбени средства за војниците, објави израелскиот весник „Једиот ахронот“.
Израелското Министерство за одбрана трошоците на војната, која во моментов се одвива во Појасот Газа, ги проценува на 65 милијарди шекели (17 милијарди долари).
Весникот „Једиот ахронот“, повикувајќи се на официјални претставници од Министерството за одбрана, објави дека на почетокот на војната војската користела муниција од своите магацини.
Во меѓувреме Израел успеал повторно да ги наполни своите магацини во рамките на подготовките за можност на војна од големи размери со либанската група Хезболах, се додава во веста.
Според податоците на израелската војска, најмалку 489 израелски војници ги загубиле животите во судирите со палестинските борци во Појасот Газа од 7 октомври досега.
– Израелски напади на Појасот Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 07:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември (петок), по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 20.674 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 54.536 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава, при што околу 2 милиони луѓе се раселени во густо населената палестинска енклава поради недостатокот на храна и чиста вода.
Во заробеништво сѐ уште се наоѓаат 130 Израелци. Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.