Израел го бомбардира Бејрут, Либан

Израелската војска во неделата соопшти дека нападнала зграда јужно од Бејрут, која била користена за складирање на прецизни проектили на Хезболах.

Нападот беше дополнителен доказ за кревкиот прекин на огнот меѓу Израел и милитантната група поддржана од Иран, пишуваат странските медиуми, според Телеграф.

Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, во изјава рече дека прецизните ракети на Хезболах „претставуваат значајна закана за државата Израел“.

Засега нема коментар од Хезболах.

Последниот напад ги зголемува тензиите во примирјето со посредство на САД, кое стави крај на минатогодишниот разорен конфликт меѓу Израел и Хезболах.

„Денешниот напад во јужните предградија на Бејрут предизвика паника и страв од обновено насилство кај оние кои очајно посакуваат враќање на нормалата“, рече во изјавата Жанин Хенис-Плашерт, специјален координатор на ОН за Либан.

„Ги повикуваме сите страни да се воздржат од какви било дејства што би можеле дополнително да го поткопаат разбирањето за прекин на непријателствата и спроведувањето на SCR 1701“, додаде таа, мислејќи на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која стави крај на едномесечната војна меѓу Израел и Хезболах во 2006 година.

Либанскиот претседател Џозеф Аун ги повика САД и Франција, како гаранти на договорот за прекин на огнот постигнат во ноември, да го принудат Израел да ги прекине своите напади.

„Постојаните акции на Израел за поткопување на стабилноста ќе ги влошат тензиите и ќе го стават регионот во реална опасност, загрозувајќи ја неговата безбедност и стабилност“, рече тој во изјавата.

Нападите врз јужен Бејрут продолжија во време на поширока ескалација на непријателствата во регионот, при што Израел ги продолжи нападите врз Газа по двомесечен прекин на огнот, а САД ги нападнаа јеменските Хути поддржани од Иран во обид да ги принудат да ги запрат нападите врз бродовите на Црвеното Море.