Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели дека одмаздата само што започнала, додека Хамас се заканува дека ќе ги ликвидира заложниците. Досега во конфликтот загинаа повеќе од 1.600 Израелци и Палестинци.
Израел ја врати контролата врз областа околу Газа и пронајдени се телата на 1.500 членови на палестинската екстремистичка група Хамас, соопшти израелската војска, продолжувајќи ги воздушните напади врз Газа, упориште на Хамас.
Израел ќе употреби „огромна сила“, предупреди премиерот Бенјамин Нетанјаху на третиот ден од жестоките судири во кои досега загинаа повеќе од 1.600 луѓе од двете страни.
Израелската армија нареди „тотална опсада“ на Газа, а Нетанјаху вели дека одмаздата за најголемите напади на палестинските екстремисти на израелска територија во последните децении штотуку започна.
Хамас рече дека „ќе започнат со ликвидација на заробените израелски цивили за секое израелско бомбардирање на цивилни објекти без најава“.
Од почетокот на конфликтот во саботата наутро со ненадејниот напад на членовите на Хамас, повеќе од 900 луѓе загинаа во Израел – меѓу нив 260 посетители на музички фестивал на југот на земјата – прочитајте повеќе за тоа во посебен текст .
Во одмаздата на Израел, според палестински извори, загинале најмалку 690 луѓе во Газа, а околу 2.750 биле ранети.
Засега не е познат точниот број на киднапирани од Хамас за време на ненадејната операција.
Поради воздушните напади од Израел, 187.000 луѓе се раселени во Појасот Газа, од кои 137.000 се кријат во училиштата под управа на Обединетите нации, соопштија ОН.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас наскоро може да ја посети Москва, јавува новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на руски РБЦ.
Палестинското раководство е поделено меѓу Палестинската управа (ПА) на Абас, која контролира делови од Западниот Брег, и милитантната група Хамас, која управува со Газа.
Многу места во светот, како што е Ајфеловата кула во Париз, претходните денови беа осветлени во сино-бели бои како поддршка на Израел, но во Лондон и Њујорк имаше и големи собири на оние кои ги поддржуваат Палестинците.
Меѓу жртвите на конфликтот во Израел има и странци – потврдено е дека загинале девет американски државјани, а се сомнева дека загинале и десет Британци.
Израелската армија објави дека од саботата регрутирала 300.000 резервисти, што е најголемата мобилизација до сега.
Министерот за надворешни работи на Израел вели дека се организираат специјални летови за да им се помогне на израелските воени резервисти кои живеат во странство да се вратат во земјата.
Ели Коен вели дека имало „многу барања“ од Израелците ширум светот да се вратат што е можно поскоро за да помогнат.
Воената служба е задолжителна за повеќето Израелци, дури и ако имаат двојно државјанство.