„Израел мора да биде казнет“

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани денеска изјави дека Израел „мора да биде казнет за неговите страшни злосторства“.

„Околу 1.000 луѓе се сокриа таму (во црквата), главно жени и деца, за жал десетици од нив станаа маченици или беа ранети, а тоа е уште една темна и срамна страница во долгата историја на воени злосторства и злосторства против човештвото и ционистичкиот режим, како и нивните политички, воени и безбедносни криминални водачи“, напиша Канани на платформата Икс (Твитер).

Тој додаде дека Израел „не се придржува до никакви вредности и принципи“.

„Лудите напади врз болници, џамии и цркви укажуваат на тоа дека окупаторскиот ционистички режим не се придржува до ниту еден човечки, морален, верски принцип или меѓународно право“, посочи Канани.

Портпаролот на министерството вели дека „овие ужасни злосторства, видени на судот на човечката совест, но и во очите на сите религии“, наишле на осуда.

„Должност на меѓународната заедница е да ги документира страшните злосторства и да ги презентира пред меѓународните судови, да ги казни ционистичките криминалци и нивните поддржувачи. Одговорноста на американскиот режим и некои европски режими кои безрезервно го поддржуваат ционистичкиот режим е неразделна од меѓународната одговорност на ционистичкиот режим и нивните криминални водачи“, рече тој.

Началникот на иранскиот Генералштаб Мохамад Багери изјави дека Техеран ги предупредил САД за последиците од испраќањето оружје во Израел, велејќи дека овој потег дополнително ќе ја комплицира ситуацијата во Газа, пренесе ирански Тасним.

„Широката поддршка на САД, вклучително и испраќањето оружје и муниција на ционистичкиот режим, се смета за учество на американската влада во злосторствата на ционистичкиот режим. Ова дополнително ја комплицира ситуацијата во Газа“, рече Бакери за време на денешниот разговор со турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер, според Си-Ен-Ен.

Багери рече дека е неопходна „сериозна акција“ за да се спречат воените злосторства и побара да се испрати хуманитарна помош во Газа, пренесе Тасним.