– Претседателот на САД, Џо Бајден, во петокот изјави дека Израел му предал на Хамас трифазен договор со кој ќе се прекинат сите непријателства во опколениот Појас Газа и ќе се ослободат заложниците од палестинската енклава.
Бајден апелираше до Хамас да го прифати договорот и го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не потклекнува под притисокот од членовите на неговата владејачка коалиција кои се противат на планот.
„Хамас повеќе не е во состојба да спроведе уште еден 7. октомври, што е една од главните цели на Израел во оваа војна, и искрено, праведна“, рече Бајден, мислејќи на прекуграничниот напад предводен од Хамас, по кој Израел тргна во офанзива на појасот Газа.
„Знам дека има такви во Израел кои нема да се согласат со овој план и ќе повикаат војната да продолжи на неопределено време. Некои од нив се и во владејачката коалиција и јасно ставија до знаење дека сакаат да ја окупираат Газа. Тие сакаат да се борат со години, а заложниците не им се приоритет. Апелирав до раководството во Израел да застане зад овој договор, без разлика на притисокот“, рече американскиот претседател Бајден.
Првата фаза, за која Бајден рече дека ќе трае шест недели, би вклучувало она што би се нарекло целосен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од сите населени подрачја на Газа. Во овој период ќе бидат ослободени и неодреден број заложници, вклучително жени, постари лица, ранети, во замена за ослободување на палестинските затвореници, кои според Бајден би биле стотици.
На палестинските цивили, исто така, ќе им биде дозволено да се вратат во своите домови во сите области на Газа, вклучително и во северниот дел каде Израел воведе долготрајни ограничувања. Бајден истакна дека хуманитарната помош ќе биде зголемена, вклучувајќи 600 камиони кои дневно би влегувале во Газа.
„Со прекин на огнот, таа помош може безбедно и ефективно да се дистрибуира до сите на кои им е потребна. Меѓународната заедница би обезбедила стотици илјади привремени засолништа, вклучително и станбени единици“, рече Бајден и додаде:
„Сето тоа и многу повеќе ќе започне веднаш. Во текот на шесте недели од првата фаза, Израел и Хамас ќе преговараат за потребните аранжмани за да стигнат до втората фаза, која е траен крај на непријателствата“.
Признавајќи за тешкотиите што тие разговори претставуваат, Бајден рече:
„Постојат голем број детали за кои треба да се преговара за да се премине во втората фаза“, потенцирајќи дека предлогот на Израел дозволува прекинот на огнот да остане во сила сѐ додека траат преговорите.
„Египет, Катар и САД ќе работат тоа да остане во сила додека не се постигнат сите договори и не започне втората фаза“, истакна Бајден.
Втората фаза би вклучувала размена на сите преостанати живи заложници, вклучително и машкиот израелски воен персонал, и целосно израелско повлекување од Газа.
„Сѐ додека Хамас ги исполнува своите обврски, привремениот прекин на огнот би станал траен прекин на непријателствата“, се вели во израелскиот предлог, додаде Бајден.
Во последната фаза би почнала реконструкцијата на Газа, каде Израел срамни со земја големи делови од крајбрежната територија, а би биле предадени и сите посмртни останки на заложниците.
Повеќе од 36.200 Палестинци се убиени, а 82.000 се ранети во израелските напади од 7. октомври досега.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од милион раселени Палестинци побараа засолниште.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.