Основачот на „SpaceX“ одговори дека „не е толку наивен“
Министерот за комуникации на Израел, Шломо Кахри, вети дека неговата земја со сите средства ќе се бори да го спречи планот на Илон Маск да обезбеди пристап до Интернет во Газа со помош на сателитски систем Старлинк.
– Хамас ќе го користи за терористички активности – рече Кахри на Х, додавајќи дека „нема сомнеж за тоа, ние го знаеме и Маск го знае тоа“:
Основачот на „SpaceX“ одговорил дека „не е толку наивен“, а потоа објаснил како би можел да изгледа целиот процес. Според него, безбедносните проверки ќе бидат спроведени со владите на САД и Израел пред да се вклучи кој било терминал.
– Ниту еден терминал на Старлинк не се обиде да се поврзе од Газа. Доколку некој се обиде да го направи тоа, ќе преземеме вонредни мерки за да потврдиме дека тоа би се користело само од хуманитарни причини – рече тој.
Маск претходно изјави дека американскиот сателитски комуникациски систем Старлинк „ќе им помогне на меѓународно признатите хуманитарни организации во Газа“.
Хуманитарните групи рекоа дека не биле во можност да комуницираат со нивните тимови во Појасот Газа, откако телефонските и интернет сигналите паднале за време на израелското бомбардирање.
Старлинк беше користен и во Украина извесно време за време на рускиот напад.
Директорката на социјалната платформа Х на Маск, Линда Јакарино, рече дека платформата отстранила неколку стотици сметки на Хамас и неколку илјади содржини од почетокот на нападите на милитантната група врз Израел.
Инаку, телефонските и интернет врските полека се враќаат во функција во Појасот Газа, објавија повеќе палестински медиуми.
Во петокот, палестинската Црвена полумесечина објави дека израелските власти ги прекинале сите фиксни, мобилни и интернет комуникации во Појасот Газа.