По сè почестите напади и ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран , Израелските одбранбени сили (ИДФ) синоќа објавија видео во кое велат дека балистичките и нуклеарните програми на Иран се егзистенцијална закана – не само за Израел, туку и за другите земји во светот.
Пораката директно сугерира дека капацитетите на Иран би можеле да доведат до „уништување на тие земји“.
„Уништување на САД, Канада, Кина, Украина, Велика Британија…“, вака започнува видеото што ИДФ го објави на социјалната мрежа X со пораката: „Ако не ги запреме, вие сте следни“.
„Иран има план што им се заканува на милиони невини цивили и план што не запира само на нас. Нивниот следен план е да ги уништат и сите други земји“, тврди Израелската одбранбена армија во видеото.
Конфликтот меѓу Иран и Израел, кој избувна на 13 јуни, претставува една од најопасните ескалации на Блискиот Исток во последните децении, со потенцијал да се претвори во регионална, па дури и глобална војна.
If we don’t stop them, you’re next. pic.twitter.com/svE6JSFph2
— Israel Defense Forces (@IDF) June 17, 2025
Сè започна со израелски воздушни напади врз стратешки цели во Иран, вклучувајќи воени бази и објекти поврзани со развојот на ракетните и нуклеарните програми. Израел тврдеше дека реагира на планираните напади од Иран, кои вклучуваа испраќање балистички ракети и беспилотни летала кон израелска територија, како и обиди за испорака на оружје до либанскиот Хезболах преку Ирак и Сирија.
Иран одговори енергично – следеа баражи од ракети насочени кон израелските градови, вклучувајќи ги Тел Авив и Хаифа, додека голем број беспилотни летала лансирани од внатрешноста на земјата се обидоа да го пробијат израелскиот антиракетен штит.
САД веднаш ги ставија своите сили во регионот во состојба на готовност, а носачот на авиони „ Нимиц“ го напушти Јужното Кинеско Море и се упати кон Блискиот Исток. Иако американските претставници тврдат дека не сакаат да војуваат со Иран, присуството во регионот е значително зголемено. Русија понуди посредништво и ја оживеа идејата за задржување на збогатениот ураниум на Иран на своја територија. Турција, исто така, се позиционираше како потенцијален посредник во нуклеарните преговори.
Десетици илјади цивили беа евакуирани од загрозените подрачја во Израел, додека амбасадите на неколку земји организираа евакуација на своите граѓани од Иран и Израел. Масовен егзодус на населението од Техеран беше регистриран на 16 јуни, додека иранските власти се обидоа да го намалат обемот со извештаи за „сообраќајни метежи поради дефекти на возила“.
Во последните денови, Израелските одбранбени сили (ИДФ) ги засилија операциите во Појасот Газа и на границата со Либан, но некои војници се повлечени од Газа и преместени кон границите со Египет и Јордан, поради можното ширење на конфликтот. Израел тврди дека уништил десетици ракетни складишта и лансери во западен Иран во текот на ноќта на 17 јуни, вклучувајќи и системи за лансирање ракети земја-воздух.
Иран утрово лансираше голем број балистички ракети кон Израел, што предизвика активирање на сирени низ целата земја, а населението се засолни во засолништа.