– Тел Авив се подготвува да ја заврши својата воена копнена операција во Појасот Газа како дел од третата етапа од војната во наредните недели, објави Израелската радиодифузна корпорација.
Медиумот цитира неименувани извори кои велат дека израелската армија „се подготвува да премине во третата фаза од борбите во Газа во текот на следните недели, во согласност со оперативните достигнувања.“
„Третата фаза вклучува завршување на копнената операција во Појасот Газа, редуцирање на армиските сили и демобилизација на резервниот состав, прибегнување кон воздушни напади и воспоставување тампон зона на границата меѓу Израел и Појасот Газа“, наведуваат изворите.
Се истакнува дека армијата „презеде контрола над поголемиот дел од северниот Појас Газа, но дека се соочува со големи потешкотии во напредувањето кон подрачјата во јужниот дел од Појасот Газа“.
Најмалку 472 израелски војници загинаа од почетокот на копнената операција во палестинската енклава на 27 октомври, според податоците на израелската армија.
Од 7 октомври, израелската армија води деструктивна војна во Газа, што резултира со најмалку 20.057 загинати и 53.320 повредени, од кои повеќето деца и жени.
Таа предизвика огромна штета врз инфраструктурата и голема хуманитарна катастрофа, според палестински и меѓународни извори.