Израелските безбедносни претставници изјавија дека се подготвени да започнат копнена офанзива кон Појасот Газа, која според нив ќе биде пожестока од кој било претходен конфликт со Хамас.
Министерот за одбрана на Израел, Јоав Галан, во четвртокот ги посети војниците на границата со Појасот Газа, велејќи им:
„Сега ја гледате Газа од далеку, наскоро ќе ја видите однатре“.
„Јас имам задача да ве доведам до победа. Ќе бидеме прецизни и силни и ќе продолжиме додека не ја завршиме нашата мисија“, им порача Јоав Галан на војниците.
Набргу по изјавата на Јоав Галан, победа вети и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Ова е нашиот најмрачен час“, кажа Бенјамин Нетанјаху на средбата со неговиот британски колега Риши Сунак.
По нападот на Хамас во саботата, 7. октомври, во кој загинаа најмалку 1.400 Израелци, главно цивили, Израел повика 360.000 резервисти и собра огромна војска околу Појасот Газа, истовремено зајакнувајќи ја одбраната на својата северна граница од можни напади на Хезболах во Либан.
Претседателот на САД, Џо Бајден, изјави дека американските и израелските официјални лица разговарале за „алтернативи“ за масовната копнена офанзива врз Појасот Газа, која речиси сигурно ќе предизвика тешки цивилни жртви. Повеќе од 4.000 Палестинци веќе загинаа во енклавата во изминатите 12 дена од воздушното бомбардирање.
Во својот говор во четвртокот, Џо Бајден го поддржа Израел, повикувајќи на повеќе милијарди долари помош, а исто така го поврза Хамас со рускиот претседател Владимир Путин, чии сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година.