Портпаролот на израелската Армија, Даниел Хагари, порача денес дека либанската проиранска екстремистичка група Хезболах ќе се соочи со смртоносен одговор доколку продолжи со прекуграничните напади врз Израел.
„Хезболах, кој е под контрола на Иран и добива помош од официјален Техеран, вчера изврши бројни напади со цел да се обиде да ги пренасочи нашите оперативни напори далеку од Појасот Газа, во исто време загрозувајќи ја државата Либан и нејзините граѓани“, изјавил Даниел Хагари на прес-конференција, пренесува Times of Israel.
Тој потврди дека израелската Армија го зголемила присуството на северната граница и агресивно одговара на секоја непријателска активност.
„Ако Хезболах се осмели да не тестира, реакцијата ќе биде смртоносна. Соединетите Американски Држави ни даваат целосна поддршка“, нагласува потпаролот на Армијата.
Тој вели дека целта на евакуацијата на населението од израелските погранични населби, кои се на два километри од Либан, е да се спречи штета на цивилите.
Националната администрација на Министерството за вонредни ситуации на Израел денеска објави дека жителите на 28 погранични населби ќе бидат сместени во пансиони финансирани од државата, но само откако планот ќе биде одобрен од министерот за одбрана Јоав Галан, објави ерусалимскиот дневен весник претходно денеска.