Израел се заканува дека ќе го затвори шпанскиот Конзулат во Ерусалим доколку им дава конзулатски услуги на Палестинците

– Министерот за надворешни работи на Израел вчерс се закани дека ќе го затвори шпанскиот Конзулат во Ерусалим доколку Мадрид продолжи да дава конзулатски услуги за Палестинците.

Претходно истиот ден, Шпанија ѝ испрати на израелската Влада вербална нота во која се вели дека ја „отфрла“ одлуката на Израел да ги ограничи услугите што им се даваат на Палестинците од шпанскиот Конзулат во Источен Ерусалим.

Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес за телевизијата „Онда Серо“ изјави дека со ограничувањето на Конзулатот, израелската Влада го прекршува меѓународното право и Виенската конвенција.

„Израел не може да го промени тоа еднострано“, рече Албарес.

Но, како одговор, израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, на социјалната мрежа Х објави: „Денес го одбив барањето на Албарес за укинување на ограничувањата наметнати на шпанскиот Конзулат во Ерусалим“.

„Која било поврзаност со шпанскиот Конзулат во Ерусалим и поединци во палестинската управа претставува закана за националната безбедност на Израел и ќе биде целосно забранета“, напиша тој.

„Државата Израел нема да молчи пред унилатералната одлука на шпанската Влада да ја признае палестинската држава предводена од Хамас… и антисемитските изјави на (шпанската вицепремиерка) Јоланда Дијаз да го уништи Израел и да го замени со палестинска држава од реката до морето“, објави Кац на X.

Оваа недела, Шпанија, заедно со Ирска и Норвешка формално ја признаа палестинската државност.

Шпанската Влада наведе дека признава одржлива палестинска држава целосно контролирана од палестинската национална управа.

Во меѓувреме, Дијаз, која го користеше слоганот „од реката до морето, Палестина ќе биде слободна“, подоцна појасни дека верува во решение за две држави и се надева дека Израелците и Палестинците ќе живеат во мир „од реката до морето“.

Претходно денес, Албарес, исто така, објави дека Шпанија, Ирска и Норвешка планираат да издадат „заедничка изјава“ во која се осудуваат „невистините“ што се шират за нивните нации од страна на израелската Влада.