– Израелското Министерство за надворешни работи ја отфрли резолуцијата што ја усвои Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) со која се повикува на „продолжени хуманитарни паузи и коридори“ во Газа.
Во соопштението што го пренесе весникот „Хаарец“, Министерството истакнува дека „нема место за продолжени хуманитарни паузи“ сѐ додека палестинската група Хамас ги држи заложниците.
Претставникот на Израел во ОН, Гилад Ердан, исто така, рече дека резолуцијата е „исклучена од реалноста“, бидејќи не го осудува Хамас поради нападот што го започна против Израел на 7 октомври.
Советот за безбедност на ОН синоќа усвои нацрт-резолуција со која се повикува на „итни и продолжени хуманитарни паузи и коридори“ низ Газа.
За резолуцијата на чело со Малта гласаа 12 земји, додека САД, Велика Британија и Русија беа воздржани.
Резолуцијата, исто така, повикува на ослободување на сите заложници што ги држат Хамас и другите групи, особено на децата.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот, Хамас, на 7 октомври.
Владината Канцеларија за медиуми во Газа вчера објави дека бројот на загинати од израелските воздушни напади врз Појасот Газа од 7 октомври се искачил на 11.500, од кои 4.710 се деца и 3.160 жени.
„Бројот на загинати меѓу медицинскиот персонал достигна 200“, се додава во објавата на владината Канцеларија на Телеграм.
Се наведува дека загинале 22 лица од цивилната одбрана и 51 новинар, додека бројот на повредени достигна 29.800 лица, од кои околу 70 отсто се жени и деца.
Илјадници згради, меѓу кои и болници, џамии и цркви, се оштетени или уништени во немилосрдните воздушни и копнени напади на Израел врз опколената енклава што почнаа минатиот месец.
Бројот на загинати во Израел изнесува околу 1.200, според официјалните податоци.