Извршниот директор на Мета, Марк Цукерберг, гради комплекс од 100 милиони долари на Хаваи, кој ќе вклучува огромен подземен бункер.
Како што пишува Wired, на североисточната страна на хавајскиот остров Кауаи, помеѓу туристичките центри Капаа и Ханалеи, моментално е во тек таен градежен проект на еден од најбогатите луѓе во светот.
Ѕид висок два метри го блокира погледот на љубопитните, а обезбедувањето чува стража на влезната капија и патролира по околните плажи.
Никој вклучен во работата на овој проект не смее да зборува за тоа што се гради. Речиси секој што поминува низ обезбедувањето на комплексот, од столари до електричари и сите останати вработени се обврзани со строг договор за доверливост. На работниците им е забрането и да разговараат со други екипи, велат изворите.
„Тоа е како таен клуб, а знаете за тоа не се зборува“, вели момче по име Дејвид, поранешен вработен кој бил вклучен во работата на комплексот на Марк Цукерберг.
Марк Цукерберг го купи земјиштето во август 2014 година и за него плати 170 милиони долари. Тоа значи дека извршниот директор на Мета за оваа зграда ќе потроши вкупно повеќе од 270 милиони долари.
Планирањето и изградбата на комплексот од околу 1.400 хектари е покриен со тајност од самиот почеток. Имотот, познат како „Koolau Ranch“, според планските документи, ќе вклучува и подземно засолниште од 5.000 квадратни метри и ќе има сопствена енергија, храна и вода.
Според извори кои ја откриле целата приказна за Wired, Марк Цукерберг имал поддршка од политичарите при изградбата на комплексот, а локалната јавност е револтирана.
Сепак, ова очигледно не влијае премногу на Марк Цукерберг, кој со сопругата Присила Чан продолжува да го гради еден од најскапите имоти во светот.