Украина морала да се откаже од неколку напади со беспилотни летала врз руски цели затоа што Илон Маск, извршен директор на компанијата SpaceX која е сопственик на сателитската интернет мрежа Starlink, одбил да и даде пристап до истата, пишува Daily Mail.
Официјален Киев планирал да употреби миниран дрон за напад на брод на морнарицата на Руската Федерација, кој е стациониран во пристаниште на полуостровот Крим.
Меѓутоа, Илон Маск не им дозволил на украинските сили да пристапат до интернет мрежата Starlink бидејќи, како што претходно кажал, не дозволува неговите програми да се користат за офанзивни дејства, а токму поради ова Украина се откажала од нападот на споменатиот брод.
Главниот командант на украинските вооружени сили, Валери Залузни, наводно сакал да стапи во контакт со началникот на Здружениот Генералштаб на американската Армија, генерал Марк Мили, за да му се пожали дека Илон Маск може да утврди што може украинската Армија и што не може да направи.
Валери Залузни рекол дека е вознемирувачки фактот што Илон Маск оневозможил неколку планирани напади.
Илон Маск се уште не ги коментирал овие наводи.
Советникот на претседателот на Украина, Михајло Подољак, за The Telegraph изјави дека војната во Украина влезе во критична фаза и дека на украинските сили им е потребна оперативна и технолошка независност. „Зависноста од одлуките и нивното спроведување мора да биде 100 отсто. Доколку нашите оперативни операции зависат од надворешни фактори и трети страни, тогаш нашата Армија е изложена на голем ризик“, рекол Михајло Подољак.
Одлуката на Илон Маск беше критикувана од Улрике Франке, виш научник во Европскиот совет за надворешни работи и астронаутот на НАСА, Скот Кели.
Откако Русија ја нападна Украина кон крајот на февруари 2022 година, Илон Маск му дозволи на официјален Киев да ја користи интернет мрежата Starlink за да не зависи од нејзината инфраструктура, која Русија почна да ја уништува. Сепак, Илон Маск потврди дека Starlink требало да се користи исклучиво за одбрана и оттогаш таа позиција не е променета.
Оваа последна контроверзност доаѓа откако претседателката на SpaceX, Гвин Шотвел, во февруари кажа дека ќе го ограничи пристапот на Украина до Starlink за воени цели. Гвин Шотвел вели дека Украина ќе може да го користи за нормални комуникации и хуманитарни операции. Украина, сепак, го користеше Starlink за напади со беспилотни летала.