Коосновачот на софтверската компанија „Оракл“ (Oracle), Лари Елисон, го престигна американскиот милијардер Илон Маск и стана најбогатиот човек во светот, откако акциите на неговата компанија скокнаа за речиси 28 проценти денес, благодарение на идните договори поврзани со вештачката интелигенција, објавува „Фајненшл тајмс“.
Уделот на Елисон во „Оракл“ се искачи на повеќе од 397 милијарди долари во попладневните часови, надминувајќи ја вкупната нето вредност на Маск од околу 384 милијарди долари, според индексот на милијардери на „Блумберг“.
„Оракл“ објави дека неговите однапред договорени договори, кои сè уште не се претвориле во приходи, пораснале на неверојатни 455 милијарди долари, додека пред три месеци оваа сума изнесуваше 138 милијарди долари.
Извршниот директор на „Оракл“, Сафра Кац, го поздрави „зачудувачкиот квартал“, кој вклучуваше потпишување на „четири договори вредни повеќе милијарди долари со три различни клиенти“.
Пазарната вредност на компанијата, во која Елисон поседува 41 процент од акциите, денес се зголеми од 678 милијарди долари на 967 милијарди долари.