Милијардерот Илон Маск во понеделникот изјави дека мисли дека воените конфликти на Блискиот Исток и Украина би можеле да ескалираат во Трета светска војна и посочи дека американската воена моќ не е она што некогаш била во споредба со другите глобални сили.
„Треба да најдеме мир во Украина и мислам дека треба да ги вратиме нормалните односи со Русија“, порача Илон Маск за време на панелот на социјалната мрежа Х (Твитер) и додаде дека сегашната ситуација може да ја принуди Русија на поголем сојуз со Кина.
Според весникот The Wall Street Journal, Илон Маск повикал на прекин на огнот во Украина и нагласил дека Украина е во безизлезна ситуација.
Милијардерот исто така вели дека политиката на Вашингтон ја принуди Русија да се здружи со Иран и Кина и дека сојузот на трите земји може да ги победи САД и нивните сојузници во глобален конфликт. Според него, жестока конфронтација со Кина и Русија би била погубна за САД, со оглед на тоа што западната коалиција нема да има индустриска предност во тој конфликт.
– Русија има суровини, а Кина има индустриски потенцијал. Тоа е, искрено, идеална комбинација од гледна точка на војната – рече Маск и ги повика американските власти да се откажат од политиката на конфронтација.
Илон Маск смета дека „цивилизацијата е загрозена“ и дека приоритет на американската политика треба да биде избегнувањето на Третата светска војна и спречувањето на ситуацијата од регионален конфликт брзо да се претвори во глобален конфликт.
„Мислам дека ние, без да сфатиме, одиме кон Третата светска војна, носејќи глупави одлуки една по друга“, смета Илон Маск.
Според медиумите, милијардерот ги повикал САД да „пронајдат“ начин за мир во Украина и да продолжат со нормалните односи со Русија. За време на панелот, тој посочи дека нема антируски бунт во руско окупираните рускојазични области во Украина, навестувајќи дека сегашните контролни линии може да се трансформираат во прекин на огнот или постојана граница.
Илон Маск смета дека е возможен прекин на огнот бидејќи нема смисла да се принудуваат областите кои наводно сакаат да бидат дел од Русија да бидат дел од Украина. Тој, исто така, е убеден дека источна Украина и Крим под руска окупација навистина сакаат да бидат руски.
Милијардерот не разбира зошто војниците на двете земји умираат секој ден. Според неговото мислење, Русија нема да ги напушти окупираните територии, а Украина нема да може да ги врати со помала Армија, така што прекинот на огнот е најдобриот излез за украинскиот народ.
Американскиот републикански претседателски кандидат Вивек Рамсвами, исто така, му се придружи на Илон Маск на панел дискусијата организирана од ризичниот капиталист Дејвид Сакс.
Вивек Рамсвами ги повтори предупредувањата на Илон Маск за можноста за глобален конфликт.
„Доколку дојде до Трета светска војна, Соединетите Американски Држави какви што ги знаеме ќе престанат да постојат“, предупредува Вивек Рамсвами.
Еден од најбогатите луѓе во светот, Илон Маск, да потсетиме, неодамна изјави дека сегашната имиграциска политика на ЕУ води кон граѓанска војна во Европа.