Компанијата „Neuralink“ на милијардерот Илон Маск, која се занимава со истражувања поврзани со вградување чипови во човечкиот мозок, објави дека добила дозвола да започне со тестирање на луѓе!
Лиценцата е издадена од Федералната администрација за храна и лекови на САД (ФДА). За потсетување, Илон Маск од 2019 година повеќепати предвидуваше дека неговата компанија „Neuralink“ ќе започне со испитувања поврзани со мозочни импланти за луѓе, како процедура за лекување на сериозни состојби како парализа и слепило.
На крајот на минатата година Илон Маск привлече големо внимание во јавноста со изјавата дека е толку уверен во безбедноста на овие уреди што би бил подготвен да им ги вгради на своите деца.
Во 2022 година, ФДА го отфрли барањето на компанијата на Илон Маск за одобрување, наведувајќи ја загриженоста за неколку прашања што треба да се решат пред да започне тестирањето на луѓето.
Главните грижи се однесуваа на литиумската батерија за уредот, можноста жиците на имплантот да ја нарушат функцијата на мозокот и безбедноста да се отстрани уредот без да се оштети мозочното ткиво.