Ужасното злосторство ја потресе
Аргентина и предизвика масовни протести. Илјадници граѓани излегоа на улиците на Буенос Аирес, барајќи правда за 15-годишната Лара Гутиерез и 20-годишните Морена Верди и Бренда дел Кастиљо, кои беа силувани, мачени и убиени , како што објави Телеграф.
Она што го прави овој настан уште погрозоморен е фактот што бруталното убиство беше емитувано во живо на социјалната мрежа TikTok.
Застрашувачка порака од нарко-банда
Полицијата верува дека зад гнасниот чин стои нарко-банда, а убиството било емитувано како застрашувачко предупредување за другите. Истражителите велат дека жртвите биле намамени во комбето на 19 септември под изговор дека одат на забава. Властите се сомневаат дека тоа било дел од план да се „казнат“ девојките за кршење на кодексот на бандата.
Истрагите и апсењата се во тек
Министерката за национална безбедност Патриша Булрих потврди дека до петок се уапсени петмина осомничени – тројца мажи и две жени. Сепак, 20-годишниот Перуанец, за кој се верува дека е водач на групата, сè уште е во бегство. Неговата фотографија беше објавена за граѓаните да можат да го препознаат и да помогнат во неговото лоцирање.
Министерот за безбедност на покраината Буенос Аирес, Хавиер Алонсо, изјави дека еден од притворените открил видео од инцидентот за време на испрашувањето. На видеото може да се слушне како водачот на бандата вели: „Еве што им се случува на оние што ми ја крадат дрогата“. Телата на трите девојки беа пронајдени пет дена по нивното исчезнување, закопани на имот во јужните предградија на Буенос Аирес.
Семејствата бараат правда
Членови на семејствата на жртвите се придружија на протестната поворка до зградата на Парламентот, гласно барајќи правда.
„Жените мора да бидат заштитени повеќе од кога било“, изјави таткото на Бренда, Леонел дел Кастиљо, за новинарите.
Тој претходно изјави дека поради сериозноста на повредите, не можел да го препознае телото на својата ќерка. Дедото на 20-годишните братучеди, Антонио дел Кастиљо, низ солзи ги нарече убијците „крвожедни“.
„Она што им го направија, вие не би му го направиле на животно“, рече тој.
Според организацијата за следење на фемицидите во Аргентина, маж убива жена на секои 36 часа во оваа земја.