Илјадници луѓе во Велика Британија го тужат „Џонсон и Џонсон“ поради бебешка пудра

Против американската компанија „Џонсон и Џонсон“ во Велика Британија е поднесена голема тужба, која се однесува на 3.000 лица, во која компанијата е обвинета за свесна продажба на бебешка пудра контаминирана со азбест, јавува Би-Би-Си.

Во тужбата, во која се цитираат интерни меморандуми и научни извештаи, се тврди дека „Џонсон и Џонсон“ биле свесни уште од 1960-тите дека нивниот минерален прав содржи влакнести форми на талк, како што се тремолит и актинолит, кои кога се во влакнеста форма се класифицирани како азбест и се поврзани со потенцијално смртоносни видови на рак.

Во тужбата се тврди дека и покрај тоа што знаеле дека минералите се директно поврзани со ракот, „Џонсон и Џонсон“ никогаш не издале предупредувања на пакувањето на бебешката пудра, туку наместо тоа започнале агресивни маркетиншки кампањи прикажувајќи ја пудрата како симбол на чистота и безбедност.

Компанијата ги негираше обвинувањата, како и сите тврдења дека свесно продавала бебешка пудра контаминирана со азбест.

Во соопштението за медиумите, издадено во име на компанијата, се наведува дека нивната бебешка пудра „ги исполнува сите потребни регулаторни стандарди, дека не содржи азбест и не предизвикува рак“.

Постапките во Велика Британија се одраз на обемните судски постапки во Соединетите Американски Држави, каде што се поднесени повеќе тужби, а на барателите им се доделени милијарди долари отштета.

Адвокатите на тужителите проценуваат дека бараната отштета во Велика Британија би можела да достигне стотици милиони евра и дека тужбата би можела да стане најголемиот случај за одговорност за производи во британската историја.