Илјадници луѓе протестираа против чешката влада и сиромаштијата во Прага во саботата, на собирот „Чешка против сиромаштијата“ организиран од нова политичка партија.
„Се собравме денеска да изразиме револт против сиромаштијата“, им кажа на насобраните Јиндрих Рајхл, прв човек на партијата ПРО што го организираше митингот.
Чешка се соочува со рекордна инфлација, пред се поради поскапувањето на енергенсите предизвикано од војната во Украина.
Демонстрантите ја повикаа владата на централнодесничарскиот премиер Петр Фиала да поднесе оставка, додека Јиндрих Рајхл посочи дека сака влада која пред се „ќе се занимава со интересите на чешките граѓани“.
Тие исто така го критикуваа НАТО и повикаа на итен мир во Украина.
Чешките медиуми објавија дека еден демонстрант со мегафон ја повикал толпата да го урне украинското знаме што се вее на зградата на Националниот музеј.
На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како луѓе држат украински знамиња на едната страна од улицата, додека чешките знамиња се веат од другата страна на улицата, а демонстрантите од страна извикуваат: „Фашисти!“
Заедно со видео снимката, се појавија и неколку фотографии на кои се гледа како еден демонстрант носи јакна со логото на групата Вагнер, додека млад човек има знак „Z“ на неговата јакна, симбол на руската инвазија на Украина.
Чешките медиуми јавуваат дека се уапсени 15 лица.
Противниците на владата на Петар Фиала тврдат дека тој повеќе се грижи за Украина отколку за својот народ.
Чешка испрати значителна воена и хуманитарна помош за Украина од почетокот на руската агресија во февруари 2022 година.