Основното јавно обвинителство ќе го преземе случајот со расното агресивно куче кое вчера нападна четири деца и четворица возрасни лица во Куманово, соопшти денеска раководителот на Секторот за инспекциски надзор, Бобан Бојковски. Службите ќе утврдат чие е кучето, дали избегало или е напуштено.
Анализите од ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Велков“ покажале дека не се работи за куче скитник, туку дека кучето е чувано од сопственик. Азијатот побегнал или е напуштен.
-Бараме да се изврши постапка на утврдување на сопственост за да се спречат вакви настани. Во последните два месеца немаме ваков случај и пријава за ваков вид случај, барањето го темелиме врз основа на тоа што се извршени сечење на уши и опаш со што укажува дека имало сопственик, изјави Бојковски.
Агресивното куче беше заловено и е сместено во прифатилиште во Четирце, сопственост на ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Велков“. Осум лица побараа помош во болницата и го пријавија случајот во полицијата.
Куманово, неодамна по распишана јавна набавка склучи договор со ветеринарниот центар „Тодор Велков“ за заловување и третман на кучиња во вредност од над милион и пол милиони денари со вклучен данок на додадена вредност.