Израелската Армија во петокот наутро издаде наредба за 1,1 милион жители на Појасот Газа да се евакуираат во рок од 24 часа пред очекуваниот копнен напад врз палестинската енклава, објавија Обединетите нации.
„Персоналот на ОН во Појасот Газа доби инструкции од израелската Армија целото население на Појасот Газа северно од Вади Газа да биде преместено во јужниот дел на Појасот Газа во следните 24 часа“, изјави за новинарите Стефан Дујарик, портпарол на генералниот секретар на ОН.
Според информациите на медиумите, станува збор за 1,1 милион луѓе.
Наредбата се однесува и на персоналот на ОН и на сите оние кои се засолниле во училиштата и болниците под раководство на ОН поради израелските воздушни напади. Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA) обезбеди засолниште за 60 отсто од 423.000 жители на Појасот Газа кои неодамна ги напуштија своите домови. Зградите во Појасот Газа немаат подземни засолништа за одбрана од воздушни напади.
Наредбата предизвика паника меѓу цивилите и хуманитарните работници кои се навикнати да работат под блокада и под израелски воздушни напади, пишува весникот The Guardian. Жителите на Појасот Газа беа повикани да се преселат на југ во енклавата пред израелската Армија да започне со напади врз милитантите на Хамас за кои тврди дека се кријат во тунелите под градот.
„Ова е евакуација за ваша безбедност“, велат од израелската Армија.
Издадена е наредба за евакуација за речиси половина од 2,3 милиони жители на Појасот Газа. ОН протестираат дека такво нешто е невозможно без погубни хуманитарни последици.
„Обединетите нации силно апелираат наредбата да се укине за да се избегне актуелната трагедија да се претвори во катастрофа“, истакнува портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.
Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, го критикуваше одговорот на ОН како срамен.
„ОН треба да се концентрираат на осуда на Хамас и поддршка на правото на Израел на самоодбрана“, вели амбасадорот.
Салама Маруф, прв човек на владината канцеларија за медиуми на Хамас, вели дека предупредувањето за евакуација е обид на Израел да шири лажна пропаганда, со цел да сее конфузија меѓу граѓаните и да ѝ наштети на палестинската кохезија, пренесува The Guardian.
Потполковник Ричард Хехт, портпарол на израелската Армија, изјави за новинарите дека се подготвуваат за копнен напад во Појасот Газа, но дека политичкото раководство се уште не го наредило тоа.
Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе го „скрши и уништи“ Хамас, откако во воздушен напад на Хамас во саботата наутро загинаа најмалку 1.300 Израелци, во она што се вели дека е најсмртоносниот напад врз цивили во израелската историја. Властите во Појасот Газа тврдат дека повеќе од 1.500 Палестинци, меѓу кои една третина деца, биле убиени во израелската одмазда.
Израелските воздухопловни сили во четвртокот објавија дека од саботата фрлиле 6.000 бомби врз Појасот Газа, пишува споменатиот весник. Според ОН, израелската Армија уништила 752 згради во Појасот Газа, а уште 1.800 станови се непогодни за живеење.