Термалната бања Пачир која се наоѓа на северот на Србија привлекува се повеќе посетители поради необичната розова боја на вештачкото езеро.
Оваа бања е всушност добро средена со термална вода која е единствена во Србија, но и во овој дел од Европа. Се карактеризира со солена лековита вода со розова боја која доаѓа од длабочина од околу 1400 метри. Од Суботица е на 33 километри, а се наоѓа во општина Бачка Топола.
Водата содржи натриум, јод, сулфат, бром и многу други минерали. Температурата на водата кога ќе излезе на површината е 72 степени, а кога ќе се олади достигнува температура од 30 до 35 степени. Водата има мирис на јод и други минерали.
Имајќи ја предвид некарактеристичната боја – таа всушност потекнува од јод, бром и литиум, кои овде ги има во висока концентрација.
Врз основа на составот на водата, бањата доби медицински сертификат. Топлата, солена вода помага во зачувување и одржување на здравјето, придонесувајќи за зајакнување на имунолошкиот систем.
Водата има исклучителни својства во лекувањето на разни болести, особено кај кожни болести, ревматизам и постповредни состојби.
Додека самото езеро е отворено во лето, до него во бањата има два затворени базени кои се достапни и во зима.