Најновата студија спроведена во САД покажа дека поради зголемениот број милијардери во таа земја, може да има недостиг од дури 100.000 финансиски советници до 2034 година, објавија денес медиумите.
Фактот дека денес во светот има сè повеќе ултрабогати поединци го потврдува и најновата листа на списанието „Форбс“, според која во 2025 година во светот ќе има 3.028 милијардери, чие вкупно богатство изнесува 16,1 трилиони долари.
Овој број на милијардери е невиден, поради што услугите на финансиските советници се сè побарани.
Како што објавува CNBC, проблемот е што темпото на раст на бројот на милијардери не е усогласено со соодветниот број на финансиски советници, па затоа наскоро нема да има доволно од нив.
Најновата студија на американската фирма „МекКинзи“ истакнува дека останува прашањето дали понудата може да ја задоволи растечката побарувачка за овој тип експерти.
Бројот на финансиски советници во САД пораснал за само 0,3 проценти годишно во последните 10 години, а се очекува да се намали за 0,2 проценти во наредните години поради пензионирањето на многу експерти, додека нема доволно нови.
„МекКинзи“ посочува дека ова би можело да резултира со недостиг од помеѓу 90.000 и 110.000 експерти до 2034 година.
Овој тренд не е ограничен само на САД, бидејќи станува сè потешко да се најдат финансиски советници и во Европа.
Ова се случува не само поради растечкиот број богати поединци, туку и затоа што многу европски семејни бизниси не се задоволни од квалификациите на постојните советници.
Управните одбори на компаниите што водат семејни бизниси се многу барачки во овој поглед, а работата ја добива лицето на кое најмногу му веруваат.
Затоа, наоѓањето и ангажирањето финансиски советници ќе стане голем предизвик за компаниите во иднина, особено во САД, заклучува студијата.