Инаугурацијата на новиот претседател треба да се случи најдоцна до 12 мај, кога му истекува мандатот на Пендаровски

По официјализирањето на изборните резултати, собраниската седница за инаугурацијата на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова мора да се одржи најдоцна на 12 мај. Таа мора да даде свечена изјава пред пратениците од стариот состав, по што почнува нејзиниот мандат. На 12 мај му истекува мандатот на актуелниот претседател, кој беше и кандидат за претседател, Стево Пендаровски.

Седницата за инаугурацијата на новиот претседател треба да ја свика актуелниот претседател на Собранието, Јован Митрески.

На средбата со новинарите на крајот на март, Митрески најави дека ова ќе биде една од последните активности на стариот состав на Собранието, пред конституирањето на новиот парламентарен состав.

Доколку инаугурацијата на новата претседателка се одржи на 12 мај, таа мора да и го даде мандатот на партијата што ќе победи на изборите да формира влада.

Според Уставот, претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили. Претседателот ги остварува своите права и должности врз основа и во рамките на Уставот и законите и се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, со мандат од пет години.