Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе биде инаугурирана новата претседателка на државата Гордана Сиљановска – Давкова.
Врз основа на член 81 став 9 од Уставот на Република Северна Македонија, Сиљановска Давкова на 151. собраниска седница закажана за напладне ќе даде свечена изјава пред Собранието по што започнува да тече нејзиниот петгодишен мандат како шеф на државата.
Денеска истекува мандатот на досегашниот претседател кој беше и кандидат за нов претседателски мандат, Стево Пендаровски.
Сиљановска Давкова како шести претседател од осамостојувањето на државата и прва жена избрана на оваа позиција, ќе го наследи Пендаровски на претседателската функција, откако го победи на изборите одржани на 8 мај. Таа доби поддршка од 561.000 избирачи, додека Пендаровски освои 251.899 гласови.
Истовремено со вториот круг од претседателските избори беа одржани и парламентарните на кои беше избран новиот пратенички состав на Собранието.
По инаугурацијата на Сиљановска Давкова, согласно новиот собраниски Деловник, новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај.
Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на законодавниот дом. Според одредбите од Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори.
Конститутивната седница, како и денешната за инаугурација на новозибраниот претседател на државата, ја свикува се уште актуелниот претседател на Собранието Јован Митрески.
Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.
Претседателката Сиљановска Давкова потоа во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата треба да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот.
Мандаторот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
До изборот на новиот владин состав, продолжува мандатот на техничката Влада кој стартуваше 100 дена пред изборите согласно т.н. пржински договор, за надминување на политичката криза од 2015 година. Функцијата на техничката влада беше да обезбеди фер и демократски избори.