По 25 години, ќе ги гледаме Пејсерсите како се борат за шампионски прстен.
Кошаркарите на Индијана станаа шампиони на Истокот, бидејќи ја добија серијата против Њујорк Никс со резултат од 4:2. Во шестиот натпревар од финалето на Источната конференција, Пејсерсите ги декласираа Никсите со 125:108 и со тоа изборија пласман во големото НБА финале.
Од првата до последната минута ги контролираа настаните на паркетот и на крајот заслужено победија со убедливи 17 разлика.
Најефикасен играч во победничкиот тим беше Паскал Сиакам со 31 поен постигнат на 10/18 од поле. Покрај тоа, тој забележа пет скока и три асистенции.
Тајрис Халибартон повторно беше одличен, завршувајќи го натпреварот со 21 поен, шест скока и дури 13 асистенции.
Во поразениот тим се истакна О Џи Ануноби со 24 поени. Карл Ентони Таунс постигна 22 поени и 14 скока, додека Џејлен Бренсон го заврши натпреварот со 19 поени.
За првпат од 2000 година, ќе ја видиме Индијана во финалето, а нејзин ривал ќе биде тимот на Оклахома, кој ја доби серијата против Минесота убедливо со 4:1.
Првиот натпревар од финалната серија е закажан за ноќта помеѓу 5 и 6 јуни во 2:30 часот наутро во „Пејко Центарот“.