Иницијатива за демократизација и промени во ЛДП: Бараме одговорност од Зајкова

Иницијативата за демократизација и промени во Либерално демократската партија е жива. Ние бараме ЛДП да се врати на изворните принципи и да се демократизира, изјави Бошко Китановски, член на иницијативниот одбор за промени во ЛДП.

Китановски побара свикување вонредно Собрание на ЛДП со цел на Зајкова да ѝ се потврди мандатот или да биде отповикана, бидејќи во последниот период со нејзините постапки отстапува од претходно договорени определби на партијата.

– Бараме отчетност и одговорност на раководството на партијата и посебно од претседателката Моника Зајкова, бидејќи не сакаме да ја замајува јавноста дека добила потврда за мандатот од Централниот одбор. Во Статутот на ЛДП согласност и доверба за мандатот единствено дава Собранието на ЛДП и затоа порачуваме Зајкова да се одважи, да свика Собрание на ЛДП на кое или ќе и биде потврден мандатот или ќе и биде откажана довербата. Исто така бараме да престане да тргува со гласот во рамките на Собранието и да ја почитува волјата на гласачите од коишто таа стана пратеник. Воедно бараме да се изврши демократизација во рамки на партијата и да се тргне по патот на самостојно настапување на ЛДП на следните локални избори, изјави Китановски.

Иницијативниот одбор за промени во ЛДП на денешната трибина „Каде од ЛДП?“ во Битола побара самостоен настап на претстојните локални избори на кои како што рекоа ЛДП повторно да биде политички фактор во Битола и државата.

– Во изминатиот период се повеќе нашето членство истакнува дека ЛДП наместо политичка партија, почнува да го губи својот идентитет и станува друштво со ограничена одговорност, односно трговец поединец. Ние сакаме да ја запреме таа појава и ЛДП да стане фактор во Битола и во државата. За жал, според постапките и потезите што Зајкова ги прави во изминатиот период, се повеќе наликува дека таа кокетира или намигнува на одредени политички субјекти во државата и тоа не дава за право дека цврсто стои на одредбите коишто како ЛДП претходно сме ги определиле, рече Китановски.