– Во текот на минатата година населението во Албанија се намалило за повеќе од 36 илјади лица или 1,3 отсто од вкупната популација, што е најголемо намалување досега забележано од времето на Втората светска војна, пренесуваат албанските медиуми.
Податоците објавени од Институтот за статистика, ИНСТАТ покажуваат дека резидентното население во 2022 година се проценува на 2,79 милиони жители, од 2,83 милиони проценети годината претходно.
-Населението на Албанија со години е во благ пад, но стапката на опаѓање, според процените на ИНСТАТ, драстично се забрза во текот на минатата година. Во 2018 и 2019 година, годишната стапка на пад беше 0,2 односно 0,3 отсто, но таа пораснала на 0,6 отсто во 2020 и 2021 година за да достигне 1,3 отсто минатата година, наведуваат медумите.
Институтот за статистика ја проценува годишната популација земајќи го предвид бројот на раѓања и умрени, како и процена за миграцијата на населението. Во текот на изминатата година, наталитетот во Албанија е минимално повисок од морталитетот, што значи дека падот на населението е целосно резултат на емиграцијата.
Според структурата најмногу се намалила младата популација.
Така, генерацијата на албански граѓани на возраст од 20-24 години е намалена за 7,1 отсто или над 15 илјади лица, додека кај оние од 25-29 години се намалила за 6.300, а на 15-19 години за 5.900 лица. Значителен пад претрпела и возрасната група доенчиња. Децата од 0 до 4 години се намалени за пет илјади или 3,5 отсто, додека кај другите две возрасни групи на деца, 5-9 и 10-14 години бележи намалување од 1,9 отсто.
Пораст бележи возрасната група 60-74 и возрасната група 30-44 години, каде вторите имаат помал пораст. Севкупно, бројот на албанските граѓани до 20 години е намален за 17 илјади, а на оние над 60 години е зголемен за 12 илјади. Економски активното население, кое го вклучува населението над 16 и под 64 години, е помало за 32 илјади луѓе.
-Главната причина за намалувањето на населението во Албанија во текот на минатата година се чини дека е поврзана со новата сообраќајна рута за илегална имиграција во Обединетото Кралство преку преминувањето на каналот Ла Манш со гумени чамци за да премине од Франција до Англија. Британските власти изброиле најмалку 15 илјади Албанци, главно млади луѓе, кои на овој начин преминале на британско тло, констатираат медиумите пренесувајќи оценка на ИНСТАТ.