Институт за војна: Лавров и Путин подготвуваат терен за инвазија на земјите на НАТО

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и други високи функционери во Москва се обидуваат да го искористат руското колонијално минато за да ја оправдаат евентуалната идна агресија врз членките на НАТО, се вели во новата анализа на Институтот за проучување на војната (ISW). Земјите на НАТО, особено оние кои се граничат со Русија, се повеќе предупредуваат дека Москва би можела да нападне територија на алијансата во наредните години.

Долго време се шпекулира дека Кремљ можеби нема да започне отворена воена инвазија, туку наместо тоа користи тактики за хибридно војување – како што се сајбер напади, ширење на дезинформации и напади врз клучната инфраструктура, како што се подморските кабли. Но, можностите се многубројни. Русија би можела да ја „тестира силата на НАТО алијансата“ преку ограничени територијални упади, изјави за „Њузвик“ генерал-полковник Јирген-Јоаким фон Сандрарт, поранешен командант на мултинационалниот корпус на НАТО североисточно во Полска, непосредно пред да ја напушти функцијата во ноември.

НАТО се заснова на принципот на колективна одбрана од член 5 од основачкиот договор, според кој напад врз една членка е напад врз сите.

Лавров зборува за фашисти

Сергеј Лавров за руски Комерсант изјави дека е „опасно кога фашистите владеат со територии кои отсекогаш им припаѓале исклучиво на Руската империја и на Советскиот Сојуз“. Ваквите изјави покажуваат дека Кремљ сè уште смета дека независните земји кои некогаш биле под власт на Руската империја или СССР се дел од модерна Русија, предупредува ISW во својата најнова анализа.

ISW потсетува дека Естонија, Латвија и Литванија – трите балтички држави на источниот раб на НАТО – како и Молдавија, беа дел од поранешниот Советски Сојуз и Руската империја. Молдавија моментално е во преговори за влез во Европската унија. Финска, една од најновите членки на НАТО со која Русија дели долга копнена граница, исто така беше под руска власт во 19 век. Значаен дел од Полска исто така некогаш бил дел од Руската империја.

Неколку високи руски функционери, вклучително и претседателот Владимир Путин и советникот за безбедност Николај Патрушев, ја користат историјата на рускиот колонијализам за да го подготват теренот за идна агресија против земјите на НАТО, предупредува ISW.

Подготовки и предупредувања

Естонското разузнавање претходно оваа година предупреди дека ако Русија успешно ја реформира својата војска, НАТО повторно би можел да се соочи со советскиот модел на масивна армија во следната деценија.

На крајот на 2022 година, поранешниот руски министер за одбрана Сергеј Шојгу најави длабински реформи на руските вооружени сили. Иако таквата армија би била технолошки послаба од НАТО, освен во областите на електронско војување и удари со долг дострел, естонските власти нагласуваат дека нејзиниот целокупен воен капацитет би бил „значаен“.

Данската воена разузнавачка служба, исто така, оваа година предупреди дека Русија можеби е поподготвена да употреби сила во регионалните конфликти со една или повеќе европски држави на НАТО, особено ако оцени дека НАТО е ослабен или политички поделен. Според нивните проценки, на Русија и требаат околу пет години да се подготви за голема војна на европско тло без американско воено учество.

Естонскиот министер за одбрана Хано Певкур во ноември изјави за Newsweek дека доколку има прекин на огнот во Украина и ако руските трупи кои моментално се распоредени на истокот бидат ослободени од тие обврски, Путин ќе има стотици илјади војници подготвени за нови операции.

„Ова значи дека руската војска ќе има на располагање големи сили кои најверојатно ќе бидат префрлени во нашето соседство“, предупреди Певкур.

НАТО ја зајакнува својата одбрана

Во истото интервју за „Комерсант“, Лавров повторно тврди дека „фашистите окупираат земји што никогаш не му припаѓале на никого освен на Руската империја и на Советскиот Сојуз“ и ги обвини дека таму прават „одвратни работи“. Балтикот и Полска се водечки меѓу членките на НАТО кои брзо ги зголемуваат инвестициите во одбраната. Целта е да ги зајакне сопствените армии и на тој начин да ја одврати Москва од можни напади.