Зошто Швајцарија е најзадоволна европска земја по одложувањето на царинските тарифи на САД за 90 дена.
Официјален Берн здивна со повлекувањето на високите царински тарифи од страна на САД и нивното повлекување на 90 дена. Тоа даде „и простор и време и содржина за институциите на Швајцарската Конфедерација“ да направат план за настап и преговори со Вашингтон, во кои и ќе ги заштитат своите национални трговски и бизнис-интереси, но и ќе ги задоволат апетитите на САД.
За потсетување, Швајцарската Конфедерација претрпе сериозен (трговски) шок на 2 април: администрацијата на Трамп за неа воведе тарифна стапка од 32 проценти. За споредба, царините што САД ги воведоа кон ЕУ се значително пониски и изнесуваат 20 проценти, додека пак европските земји што не се членки на ЕУ, како што се Британија и Норвешка, поминаа со царини од само 10 проценти.
И Швајцарската Конфедерација не е членка на ЕУ, но со новите предлог-царински тарифи, претрпе сериозен шок, по кој се мобилизираа сите надлежни швајцарски институции. Сега, по повлекувањето на одлуката на Трамп, Швајцарија е најзадоволна европска земја од одложувањето на царинските тарифи на САД за 90 дена.
Швајцарците веруваа дека ќе бидат изземени од американските царини
Швајцарија со децении негува блиски односи со Вашингтон, често подлабоки од оние со ЕУ, односно со Брисел. До неодамна Швајцарците веруваа дека ќе бидат изземени од американските царини – не само поради политичките врски туку и поради силните економски интереси. На пример, во 2021 година Швајцарија, по она што „Ле монд“ го нарекува „пријателски“ убедувања од тогашниот американски претседател Џо Бајден, избра да купи американски борбени авиони Ф-35 наместо француски „рафал“. За потсетување, Швајцарија е шестиот најголем странски инвеститор во САД, со вкупни инвестиции од 350 милијарди франци (околу 371 милијарди евра), додека швајцарските компании во Америка обезбедуваат речиси половина милион работни места. Покрај тоа, САД се главниот извозен пазар на Швајцарија (18,6 отсто од вкупниот извоз), пред Германија (14,7 отсто). Само во 2024 година САД имаа трговски дефицит од 38,5 милијарди долари со Швајцарија. За многу швајцарски извозници, американскиот пазар со години е стабилно и профитабилно елдорадо. И покрај сето тоа, на 10 март, без претходно предупредување, Швајцарија беше ставена на листата на САД – на земји со „нефер трговски практики“. Берн потоа ја испрати државната секретарка за економски прашања Хелен Будлигер Артиеда во Вашингтон. Според извори на кои се повикува „Ле монд“, нејзината средба со шефот на канцеларијата на американскиот трговски претставник била само „на пониско ниво, без никаква реална можност за влијание“. И иако официјален Берн го направи она што мислеше, сепак тоа не даде плод, а работата ја заврши претседателот на САД, Доналд Трамп, кој реши да ги повлече острите царински тарифи на 90 дена. Берн е сега дополнително мотивиран и има уште дополнителен простор да ги рекомпонира и сообрази своите предлози кон Вашингтон што претходно „не поминаа“.
Швајцарската претседателка деновиве проактивно се обиде да ги амортизира мерките на Вашингтон: Го оцени говорот на Венс како „многу швајцарски“
Швајцарската претседателка и министерка за финансии Карин Келер-Сатер, членка на Либералната партија и, според „Фајненшл тајмс“, една од најмоќните жени во светот, е многу задоволна од деведесетдневното повлекување на царинските тарифи од страна на САД, дотолку повеќе што таа одлучи да не ги нападне воведените високи царини, ниту пак да го нападне претседателот на САД. Таа деновиве умешно одеше по еден дипломатски пат, што подразбира неконфликтна ситуација, па дури и елементи на одобрување. На пример, швајцарската претседателка и министерка за финансии Карин Келер-Сатер реши и да застане зад говорот на американскиот потпретседател Венс, опишувајќи го како „либерален говор – во многу швајцарска смисла“. Таа се обиде да ги смири тензиите толкувајќи го говорот на Венс дека „не е закана, туку е израз на слободарски и пазарни вредности“. Токму овој став на швајцарската претседателка и министерка за финансии, според аналитичарите, претставуваше еден „класичен дипломатски маневар со кој Швајцарија како традиционално неутрална земја се обидува да остане на дистанца и да не се замерува на ниту една страна!“
Келер-Сатер беше втор европски лидер што заедно со унгарскиот претседател Виктор Орбан јавно не ги критикуваше зборовите на Венс. Според одредени аналитичари, швајцарската претседателка и министерка за финансии Карин Келер-Сатер сакаше со тоа да обезбеди поповолен третман за Швајцарија доколку стапат во сила тарифите, но сега таа доби можност со своите експерти во наредните 90 дена да разработи и да предложи нов концепт и умешно да му го понуди на Вашингтон создавајќи за Швајцарија и за САД вин-вин ситуација.
Берн немаше да прибегне кон контрамерки, а кои мерки ќе се разгледуваат во наредните 90 дена да му бидат понудени на Вашингтон?
Стопанските сектори во Швајцарија што ќе беа најмногу погодени од оваа тарифна одлука се швајцарската индустрија за часовници (и процена од апроксимативна штета од 4,4 милијарди франци извоз во САД) и швајцарската индустрија за прецизни инструменти (со апроксимативна штета од 3,8 милијарди). Од друга страна, швајцарската фармацевтската индустрија, која предничи со 31 милијарда франци извоз, немаше да биде толку засегната, но сепак не може да се исклучи можноста таа да биде вклучена во идните мерки на САД, доколку Берн и за неа не смисли нешто во наредните 90 дена.
Според пишувањето на реномираниот „Ле монд“, Берн веќе разгледува одредени отстапки, како на пример укинување на нетарифните бариери како што е мораториумот на генетскиот инженеринг, како и таканаречениот „Закон на Нетфликс“, кој бара услугите за стриминг да инвестираат 4 отсто од својот приход во домашниот аудиовизуелен сектор. Се разгледува и можноста за намалување на царините за производите што се поважни за американската отколку за швајцарската страна – како говедско месо или портокали.
Се разгледуваат и намалувања на државните трошоци за социјални програми (на пример, субвенции, социјални бенефиции, јавни услуги), со цел да се избегне зголемување на даноците или други давачки за компаниите што би можеле да бидат погодени од тарифите доколку САД останат на истиот став, односно доколку Берн не понуди предлози (нов концепт) што Вашингтон би ги прифатил.
Со други зборови, тој пристап на Берн е класичен пропазарен аргумент: ако владата ги намали трошоците, нема да мора да ги „приклучува дупките“ со зголемување на даноците на економијата. Во швајцарски контекст, ова секако значи обид да се заштити извозниот сектор од дополнителни трошоци во нова, понеповолна трговска ситуација за нив, доколку останат царинските тарифи на САД. Но сега Берн добива нови три месеци да направи стратегија и предлози што Вашингтон нема да може да ги одбие. Р.С.