„Амазон“, вториот најголем работодавач во Соединетите Американски Држави (САД), би можел да елиминира стотици илјади работни места со замена на работниците со роботи во следната деценија, според извештај базиран на интерни документи.
Потенцијалната стратегија, објавена од „Њујорк тајмс“, доаѓа од тимот за автоматизација на „Амазон“, кој обезбеди податоци што покажуваат дека компанијата би можела да избегне вработување на повеќе од 160.000 луѓе во САД, што инаку би требало да го стори до 2027 година.
Роботската автоматизација ќе и овозможи на компанијата да ја прошири продажбата на двојно повеќе производи до 2033 година, без да ја зголеми својата работна сила во САД.
Збирката документи, заедно со интервјуата спроведени од „Тајмс“, сугерира дека таквата реформа би резултирала со повеќе од 600.000 луѓе што „Амазон“ нема да има потреба да ги вработи во текот на следната деценија.
Сепак, Амазон ги отфрли овие извештаи. Во е-пошта до „Индипендент“, Амазон изјави дека бројката од 600.000 доаѓа од документ од тим во компанијата, за кој се вели дека не бил вклучен во регрутирањето.
Портпаролката Кели Нантел изјави дека документите прикажуваат погрешна слика за нивните планови.
„Во овој случај, материјалите се чини дека ја одразуваат перспективата само на еден тим и не ја претставуваат нашата целокупна стратегија за регрутирање низ нашите различни деловни линии“, изјави таа.
Тој исто така вели дека ниедна компанија не создала повеќе работни места во Америка во последната деценија од Амазон. Тие активно вработуваат во своите операции низ целата земја и неодамна објавија планови за пополнување на 250.000 работни места за празничната сезона.
И покрај гаранциите, стремежот на „Амазон“ да користи најсовремена роботика за поедноставување на работењето и намалување на трошоците нема да изненади многумина.
Сепак, документите од тимот за роботика на фирмата покажуваат цел за автоматизирање на 75 проценти од операциите во овие објекти.
Понатаму, стремежот на Амазон кон сè поефикасно работење и зголемена автоматизација веќе го направи пионер во малопродажбата што другите компании го имитираат.
Како што станува достапна понапредна роботика, економиите на обем сугерираат дека Амазон ќе служи како модел за другите големи трговци на мало.
Амазон сега користи повеќе од еден милион роботи во својата мрежа за исполнување на нарачки, приближувајќи се до својата човечка работна сила од 1,56 милиони, од кои повеќето се вработени во магацини.
Овие роботи, од мобилни единици што носат залихи до роботски раце што избираат, сортираат и пакуваат предмети, сега помагаат со околу три четвртини од глобалните испораки на „Амазон“.