Претседателот на Управниот одбор и извршен директор во М-НАВ, Фахрудин Хамиди вели дека за вчерашниот инцидент со упад во М-НАВ и напад на вработени е закажан Комитет за безбедност во компанијата и оти во интерес на истрагата нема да коментира дополнително.
Нема да даде оставка затоа што како што рече денска на прес-конференција зад него стојат многу позитивни резултати и оти Владата веќе најавила разрешување на раководството, а случувањата ги оквалификува како „немил настан“ и „конфликт помеѓу двајца колеги“.
„Ние сме луѓе, менаџери, раководиме согласно сертифицирани процедури и во делот на обезбедување согласно меѓународни карактери и препораки има две рампи за влегување, има трета, четврта, во тој дел не можам да навлегувам понатака. Се случил еден немил настан и тоа не смеело да се случи, но се работи за конфликт помеѓу двајца колеги кои се знаат 20 години и заедно биле на школување“, вели Фахрудин Хамиди, прашан како е дозволен упад во институцијата.
Прашан дали побарал одговорност поради случувањата Фахрудин Хамиди порача да се остави да си тече истрагата.
„Поради фактот дека веќе органите што се повисоко од нас се занимаваат со таа работа, во интерес на истрагата, има камери, значи има многу работи што се внатре, нека си тече истрагата. Во интерес на истрагата не сакам да навлегувам понатака. Имаме закажан Комитет за безбдност во нашата компанија“, вели Фахрудин Хамиди.
Тој вели дека апсолутно гарантира за безбедноста на македонското небо во време на конфликтот.
„Се работи за некој личен… Има кошкања во секоја организација. Лицата се вработени во М-НАВ во тоа што се случило. И тоа не е во делот трет, четврт, колку што мене ми е познато. Има камери, ќе се утврди“, наведе Фахрудин Хамиди.
Тој на прес-конференцијата рече дека претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски со обвинувањата за работата на раководството и оспорувањето на огласот за вработување постапува од негови лични мотиви и интереси.
„Не не остава да си ја вршиме работата, репутацијата на компанијата е доведена во прашање поради лажни клевети.За жал, имаме лукративни и лични интереси и нека му е на чест. Тој кажува за непотизам и за партиски вработувања само заради дефокусирање на јавноста. Тој е непотизам самиот, неговиот татко беше началник, тогаш беше примен и тој, истовремено и брат му работи како контролор“, вели Фахрудин Хамиди.
Тие што ги исполниле условите на конкурсот за кој реагираше Синдикатот, според Фахрудин Хамиди, се примени, а некои заради неуреден статус не се. Отворени се, како што кажа, за сите можни критики од институциите, Антикоруциската, Финансиската полиција…
М-НАВ како давател на услуги во воздухопловството, како што рече, гарантира дека безбедноста никогаш ниту била ниту ќе биде загрозена и тој што има цел да патува може да си патува без проблеми.
„АД М-НАВ е сертифицирано согласно сите меѓународни регулативи. Исто така и со сите позитивни законски прописи на нашата држава“, кажа Фахрудин Хамиди.
„Тој се осврна на неговото работење во изминатиот период посочувајќи дека е горд на резултатите и оти успеале да ја постават компанијата на здрави нозе, како и дека е затворена загуба од пст милиони евра. На почетокот на годинава ги подмиривме сите загуби поради надворешен удел на нашата компанија без ниеден денар помош од кој било за разлика од европските контроли на летање коишто добија помош и од банки и од државите“, вели Фахрудин Хамиди.
Заедно со Агенцијата за цивилно воздухопловство, дополни, сме при крај на ресертификција, на целата документација согласно последните регулативи на ЕУ, процес што сметаат дека ќе го завршат во февуари. Кажа и дека за два-три месеци ќе биде пуштен нов систем во М-НАВ, како и дека и покрај тешката финансиска криза не запреле во школување на 20 нови контролори на летање.
„Тоа е една третина од бројноста на контролите на летање во Македонија. Во рок од две години сите тие беа на тренинг и претходна обука во странските тренинг центри имаат завршено и на истите пред Нова година на последните осум им дадовме договори на неопределено време. Никој за тоа не ви кажува. Но, ние ќе ви кажеме бидејќи сметаме дека е многу важно за сите граѓани на нашата држава дека имаме искусни и нов кадар во Контрола на летање. За жал, цело време сме биле атакувани од страна на синдикалецот Тасевски, не сме сакале да излеземе пред вас – можеби и тука згрешивме и верувам дека сум згрешил бидејќи сме имале покрупни работи со што да се бавиме. Сето тоа што ви го кажав досега за да ја донесеме М-НАВ којшто беше во турбулентни води денеска е во мирни води. Господинот Тасевски перманентно праќа атак врз нашата компанија од негови лични идеи и не повредува сите нас и не не остава да ја завршиме нашата работа согласно законите, позитивните законски прописи што постојат во нашата држава“, наведе Фахрудин Хамиди.
Претодно претседателот на ССКЛ Александар Тасевски најави дека Контролата на летање ќе стапи во генерален штајк на 10. јануари доколку директорите во М-НАВ не си поднесат оставки или пак Владата не ги разреши, како што најави.
Во врска со вчерашниот напад врз вработени во М- НАВ, во полициска станица по налог на Основното јавно обвинителство се врши службен разговор со Б.Н., информираа претходно од Министерството за внатрешни работи.
Како што наведе МВР во соопштение по нападот, во 15:15 часот во ПО Петровец лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир, односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата).
Во соопштение доцна ноќеска МВР информираше дека со четири инволвирани лица во нападот врз вработени во М-НАВ се вршат службени разговори и оти во координација со Основното јавно обвинителство ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така и дека се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица и оти наредниот период МВР континуирано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ.
Според Јавното обвинтелство, како што информираа претпладне од прес-службата, се преземаат дејствија за расчистување на настанот, а Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денот очекува кривична пријава од Министерството за внатрешни работи.
Нападот се случи по вчерашната прес-конференција на претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, на која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација (М-НАВ) се очекува да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција и однесувањето на менаџментот.