Заменик-командантот на Иранската револуционерна гарда, Али Фадави, денес изјави дека ќе има уште еден бран напади доколку Израел не престане со злосторствата во Појасот Газа.
„Потресите на фронтот против ционистичкиот режим ќе продолжат се додека овој канцероген тумор не биде искорен од светската мапа. На пат е уште еден бран напади, доколку Израел не ги запре злосторствата во Појасот Газа“, рекол Али Фадави, а пренесе медиумската агенција Reuters.
Претходно денес, иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, порача дека никој нема да може да ги запре муслиманите ширум светот и силите на отпорот доколку продолжат израелските злосторства во Појасот Газа. Официјален Техеран ги нарекува сојузничките вооружени групи низ Блискиот Исток дел од „Оската на Отпорот“.
Али Хамнеи вели дека на израелските функционери треба да им се суди за злосторства извршени врз Палестинците во Појасот Газа, објави иранската државна телевизија.