Иран ја нападна американската база Ал Удеид во Катар, испукани се најмалку шест ракети

Иран започна напад врз американската база Ал Удеид во Катар, потврдија израелски извори за „Аксиос“.

Како што е соопштено за овој американски медиум, најмалку шест ракети биле испукани врз базата Ал Удеид, а засега нема информации за штети или повредени лица.

Нападот набрзо беше потврден од иранската државна телевизија, но не беа објавени дополнителни информации.

Според видеата објавени на социјалните мрежи, сирените биле активирани во базата, а активирана била и противвоздушната одбрана.

Пред да го започнат нападот, американските претставници им кажаа на неколку медиуми во САД дека постои „непосредна закана“ против оваа база, најголемата американска база во регионот.

Треба да се додаде и дека, според „Тајмс оф Израел“, една ракета била испалена и кон американската база во Ирак.

Станува збор за базата Ал-Асад, која Иран исто така ја нападна во 2020 година, како одмазда за убиството на Касем Сулејмани.