Зошто „свиркачите“ ги скриле разговорите во кои се спомнуваат Оливер Спасовски, Благој Бочварски, Сања Лукаревска, Бојан Маричиќ и Маринела Тушева, прашува во својот текст во “Плусинфо’ новинарот Бранко Героски.
“Десеттина дена пред Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) да објави видео-сторија со досега необјавени снимки и документи од истрагата за трагедијата во Кочани, извор од Јавното обвинителство ми ја навести можноста да го добијам извештајот на анализирана телефонска комуникација меѓу неколку клучни лица, кој е дел од доказниот материјал за поднесеното обвинение зад кое стои државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски”, пишува Героски.
“Во сторијата на ИРЛ е објавен дел од телефонската комуникација, што значи дека дел е изоставен. Не навлегувам во претпоставки за тоа кој дел е избран, а кој е изоставен и зошто – тоа можеби е одлука на „свиркачот“, можеби е легитимина одлука на Редакцијата на ИРЛ, а можеби станува збор и за заедничка одлука. Таа работа си ја знаат „свиркачот“ и Редакцијата”, пишува Героски во “Плусинфо”.
“Е сега, многу е важно да се открие дали ова последново е точно, односно дали навистина не постоела намера да се прикријат некои индиции од телефонската комуникација, кои упатуваат на евентуални коруптивни дејствија и на други личности, кои не се спомнуваат (или не се именуваат) во анализата на објавените делови од телефонската комуникација. Ова е важно да се утврди, за да се дознае дали во делот од комуникацијата кој не е презентиран има имиња, наводи и сомничења кои некој решил да ги прикрие”, прашува Героски.
Во својата објава Героски сугерира дека ИРЛ намерно ги сокрила имињата на функционери од СДСМ за да ги заштити обвинителите и државниот јавен обвинител Коцевски, и да ја сврти приказната на штета на Владата, стои во непотпишаниот коментар/анализа објавен од ИРЛ со наслов „Кукавичко новинарство“ ангажирано во одбрана на вознемирени моќници или како Бранко Героски редовно ги „истражува“ ИРЛ, но никогаш олигархијата и мафијата!
„Кој и како одлучил кој дел од телефонската комуникација да ѝ го презентира на јавноста, а кој да го скрие?“ – прашува Героски, иако самиот не нуди одговор на ова прашање. Во истата објава тврди дека сторијата за Кочани е „нарачка“ од некакви мрачни сили, за веднаш потоа да признае дека не се разбира во истражувачко новинарство и не знае што е јавен интерес, пишува ИРЛ.
Во целата телефонска комуникација на Михаил Јованов, синот на сопственикот на „Пулс“ Дејан Јованов, којашто била доставена до судот, а ја поседува ИРЛ, не постои ниту еден доказ дека тој или некој од обвинетите остварил директна комуникација со Оливер Спасовски, Сања Лукаревска или Благој Бочварски, се наведува од ИРЛ.
Комуникацијата што ја објави ИРЛ се одвива исклучиво меѓу Михаил Јованов и даночните контролори Драган Паунов – Дацо и Дуле Димитриев, како и други инспектори со кои тој имал директна комуникација. Оваа комуникација докажува директна и непосредна инволвираност во следниве дела: оддавање доверливи информации, злоупотреба на службена должност и примање поткуп.
Целта е да се дискредитира истражувањето веднаш по објавата, а понекогаш и пред да биде објавено, како во овој случај. ИРЛ нема информации дали Героски, како и претходно Драган Павловиќ Латас, се обидува да ја дискредитира новата епизода од документарниот серијал „Редакција“, во која предмет на интерес се и лица поврзани со „Плусинфо“. Но, вакви објави не се новост за овој портал, пишува во коментарот на ИРЛ.
Героски жестоко ги бранеше виновниците за пожарот во модуларната болница во Тетово, каде што лица од интерес беа негови огласувачи. Тој има напишано многу објави, но ретко во интерес и одбрана на обичниот граѓанин. Наместо тоа, неговата работа често е посветена на промоција и заштита на моќни луѓе како Кочо Анѓушев, Јордан Камчев, Ратко Димитров, Жан Митрев и други пријатели и огласувачи, заклучува ИРЛ Македонија.