Организацијата за исламска соработка одржа вонредна седница во врска со ситуацијата на Блискиот Исток и нападот на Израел врз Иран, а по средбата земјите членки излегоа со заедничка изјава.
Состанокот се одржа во Џеда, Саудиска Арабија, а присуствуваа и министрите за надворешни работи на земјите членки. Во коминике упатено до јавноста, се наведува дека се разговарало за злосторствата на Израел врз палестинскиот народ и кршењето на суверенитетот на Исламската Република Иран.
„ОИС го осудува убиството на Исмаил Ханије додека беше во Техеран и го смета Израел целосно одговорен за овој грозоморен напад, кој претставува агресија и флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН, како и сериозно кршење на територијалниот интегритет на Иран. “, се вели во соопштението.
Разговарале и за важноста на палестинското прашање.
„Ја потврдуваме централната важност на прашањето за Палестинците и Ерусалим за целиот исламски уммет и потребата да се зачува арапскиот и исламскиот идентитет на градот Ал-Кудс (Ерусалим оп. а.) и палестинскиот суверенитет над него, како составен дел на Палестина од 1967 година“, се нагласува.
Во контекст на израелските активности, ги опишаа како брутални злосторства од страна на нелегална окупаторска сила.
„Силно го осудуваме израелското спроведување на расистичките закони, вклучително и одлуката да се отфрли формирање на палестинска држава и прогласувањето на УНРВА за терористичка организација во обид да се поткопа нивната улога“, се вели во соопштението.
На состанокот предупредија и од израелски упади во џамијата Ал Акса.
„Ова се провокативни дејствија кои најостро се осудуваат. Го повикуваме Советот за безбедност на ОН веднаш да ги запре овие дејствија преку ефективни мерки и да го принуди Израел, окупаторската сила, да престане да го напаѓа палестинскиот народ и да стави крај на конфликтите во Ерусалим кои го навредуваат две милијарди муслимани ширум светот и ја загрозуваат безбедноста на регионот“, се објаснува во коминикето.
Иранското Министерство за надворешни работи претходно во Техеран објави дека Иран побарал состанок на ОИС и дека во тоа барање се приклучил и Пакистан.
Организацијата за исламска соработка има вкупно 57 земји-членки, повеќето од Африка и Азија.