Гувернерката на Централната Банка на Турција, Хафизе Гаје Еркан, повеќе од две децении имаше високи позиции во неколку големи банки во САД, меѓу нив и Goldmann-Sachs, а од јуни таа е најмоќниот банкар во Турција. И покрај нејзината истакната позиција и секако не малиот приход, оваа 44-годишна жена не може да најде соодветен стан за нејзе во турската метропола Истанбул.
„Не најдов стан во Истанбул. Овде е страшно скапо. Останав со моите родители“, открива Хафизе Гаје Еркан во интервју за весникот Hürriyet.
Необичниот факт дека таа се преселила кај нејзините родители, а е инженер и професор по математика и физика, го пренесоа многу медиуми ширум светот.
„Можно ли е Истанбул да е поскап од Менхетен ?“, праша Хафизе Гаје Еркан во продолжението на интервјуто, кое го пренесе германскиот весник Der Spiegel.
Според студијата на Универзитетот „Бахчешехир“, кириите во Истанбул се зголемени за 77,1 отсто во последната година. Како контрамерка, турската Влада го ограничи зголемувањето на киријата на 25 проценти – што дополнително ја влоши ситуацијата.
Сопствениците сега се обидуваат да се ослободат од станарите на секој можен начин, понекогаш дури и незаконски, за да можат да изнајмуваат имот на нови станари по многукратно повисоки цени.
Турција долго време се бори со голема инфлација: во ноември стапката беше 62 отсто во споредба со истиот месец минатата година. Самата Централна Банка очекува инфлацијата да достигне врв од 70 до 75 отсто во мај следната година.
Со доаѓањето на Хафиза Гаје Еркан на чело, турската Централна Банка ја зголеми основната каматна стапка за 8,5 отсто на сегашните 40 отсто во борбата против инфлацијата. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, претходно долго време се спротивставуваше на зголемувањето на каматните стапки.
„На тие мерки на построга монетарна политика им дојде крајот“, нагласи за крај Хафиза Гаје Еркан во интервју за Hürriyet.