Истополовите парови во Естонија можат да се венчаат од Нова година, а таа е првата земја создадена на територијата на СССР која ги легализираше хомосексуалните бракови.
Естонскиот парламент гласаше за легализирање на истополовите бракови во јуни со 55 пратеници кои гласаа за, додека 34 пратеници гласаа против законот во 101- члениот парламент. Изборната победа на естонската премиерка Каја Калас во февруари е заслужна за зајакнување на напорите за признавање на истополовите бракови, посочува „Гардијан“.
Перцепциите за истополовите бракови се сменија во последниве години во Естонија, која има 1,3 милиони жители, главно нерелигиозни. Во истражувањето спроведено оваа година од Естонскиот центар за човекови права, 53 отсто од Естонците ги поддржуваат истополовите бракови.
Тој процент пред една деценија беше само 34 отсто. Естонија законски ги признава вонбрачните партнери од 2013 година. Хомосексуалноста беше декриминализирана во 1991 година кога Естонија се отцепи од СССР.
Сепак, дискриминацијата и насилството сè уште постојат. На хомосексуалните бракови се противи мнозинството од естонското население кое зборува руски, кое сочинува околу една четвртина од населението на Естонија.