Ерменскиот премиер Никол Пашинјан пристигна во петок во официјална посета на Турција, станувајќи првиот ерменски лидер кој стапнал на турска територија во официјален капацитет од Студената војна.
Посетата доаѓа во време кога двете земји, оптоварени со децении непријателство и историска траума, се приближуваат кон можна нормализација на односите.
Пашинјан се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Истанбул, во палатата Долмабахче. Иако двајцата лидери претходно се сретнале на меѓународни собири – вклучително и присуството на Пашинјан на инаугурацијата на Ердоган во 2023 година – ова е негова прва официјална посета на Турција.
Според „Мидл Ист Ај“, Ердоган упатил покана до Пашинјан за време на неодамнешниот телефонски разговор по повод Курбан Бајрам, кој потоа бил формализиран преку дипломатски канали. Според извори од Ереван, лидерите имале „позитивен и конструктивен разговор“ по тој повод, што го отворило патот за оваа историска посета.
Како што соопшти кабинетот на турскиот претседател, во работната посета учествуваат и министрите за надворешни работи и специјалните претставници за нормализација на односите, што овозможува сеопфатни билатерални разговори.
Турција и Ерменија ги прекинаа дипломатските односи во 1993 година, откако ерменските сили го окупираа регионот Нагорно-Карабах на Азербејџан. Иако во 2020 година избувна нова војна во која Азербејџан го врати поголемиот дел од територијата, тензиите не исчезнаа – особено откако регионот Арцах беше формално распуштен на 1 јануари 2024 година.
Дополнителен товар врз односите е и прашањето за признавање на ерменскиот геноцид од 1915 година, кое официјална Анкара продолжува да го отфрла, наведувајќи дека смртните случаи се резултат на воени околности.
И покрај ова, Пашинјан во последните месеци ја ублажува својата реторика, нагласувајќи дека сака да ја прекине изолацијата на својата земја, да ги отвори границите и да воспостави дипломатски и трговски врски со Турција.
Договори во исчекување
Во март, Ерменија и Азербејџан се согласија за нацрт-мировен договор, но Баку оттогаш упати дополнителни барања – вклучително и измени во ерменскиот устав во врска со Нагорно-Карабах. Анкара, исто така, сè уште не одговори решително на договорот за отворање на граничниот премин Аликан-Маргара за дипломати и државјани на трети земји, иако Ереван веќе ја заврши потребната работа од своја страна.
Сепак, Пашинјан не се откажува: тој најави можност за уставни измени, но сепак инсистира дека тоа не треба да го попречува мировниот процес и изрази надеж дека мировниот договор со Азербејџан ќе биде потпишан до крајот на оваа година.
Регионална димензија
Посетата доаѓа во време на зголемени тензии на Блискиот Исток, особено меѓу Иран и Израел, што дополнително ја нагласува важноста на ерменско-турскиот дијалог, со оглед на географската и геополитичката положба на двете земји.
Интересно е што посетата на Пашинјан следеше веднаш откако претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, беше во Турција, каде што заедно со Ердоган отвори станбен комплекс за жртвите од земјотресот во Кахраманмараш во 2023 година.