Кристијано Роналдо не се откажува. Иако последната половина година ја мина во Саудиска Арабија настапувајќи за вицешампионот Ал-Наср, легендарниот Португалец продолжи да игра со голем ентузијазам за репрезентацијата со која испиша уште еден рекорд.
Овој пат не се работи за головите по кои всушност е најпознат во фудбалскиот свет, туку за бројот на настапи. Имено, Кристијано Роналдо со настапот против Исланд во квалификациите за ЕП стана првиот играч во историјата кој одиграл 200 натпревари за репрезентација!
Според тоа, тој е апсолутен рекордер, а во Европа го следат Шпанецот Серхио Рамос со 180 настапи, Италијанецот Џанлуиџи Буфон (176), Шпанецот Икер Касилјас (167) и хрватскиот капитен Лука Модриќ (166).
Кристијано Роналдо пред натпреварот влезе во Гинисовата книга на рекорди речиси 20 години откако дебитираше за Португалија. Претходниот светски рекорд кој го држеше кувајтскиот напаѓач Бадер Ал Мутава со 196 настапи беше надминат во март годинава.
Се совпадна што Кристијано Роналдо го заокружи ова големо достигнување со победничкиот гол со кој Португалија славеше со 1:0 над Исланд. Во 89. минута од натпреварот во Рејкјавик, напаѓачот на Ал-Наср го постигна својот 123. гол за сениорската репрезентација од кој нема намера толку брзо да се збогува. Со оваа победа Португалија го израмни најдобриот старт во европските квалификации со четири победи од четири натпревари, а воедно го забележа и шестиот натпревар без примен гол во рамките на евроквалификациите.
„Јас сум многу среќен. Ова е еден од оние моменти што никогаш не очекувате да го постигнете, 200 настапи. За мене тоа е неверојатно достигнување. Прекрасно е да се биде во Гинисовата книга на рекорди. Секако, постигнувањето на победничкиот гол е уште поспецијално. Морам да им се заблагодарам на стадионот, на Исланд, на луѓето и на навивачите што ми приредија ваква забава. И на репрезентацијата на Португалија, како и на федерацијата. Многу сум среќен, ова е посебен ден. Морам да им се заблагодарам на сите, ми го разубавија денот, ми ја разубавија вечерта“, изјавил Кристијано Роналдо по натпреварот во Исланд.
Тој беше прашан и за најспецијалниот натпревар што го одиграл во репрезентацијата, но не можеше да даде конкретен одговор.
„Тешко е да се избере само еден. Имав толку многу прекрасни моменти. Европското првенство во 2016 година, Лигата на нации, но има уште толку убави спомени, па секогаш сакам да кажам дека следниот натпревар е најдобар“, објаснил славниот Португалец.
Во исклучително богата и успешна кариера, Кристијано Роналдо пет пати ја освојуваше Златната топка, а на клупски план ги освои сите можни големи трофеи. Кога станува збор за репрезентацијата, одличниот Португалец првиот натпревар за сениорската селекција го одигра во далечната 2003 година.
Најголемиот успех со репрезентацијата Кристијано Роналдо го постигна во 2016 година на Европското првенство во Франција, кога Португалија го освои првото место. Покрај тоа, тој ја освои и Лигата на нации во 2019 година.
Најдобриот резултат на Кристијано Роналдо на СП беше четвртото место во Германија во 2006 година. Во Јужноафриканската Република во 2010 година и во Русија во 2018 година, Португалија се прости во осминафиналето, а во Бразил во 2014 година, веќе по натпреварите по групи. Во Катар минатата година Португалците стигнаа до четвртфиналето каде беа елиминирани од Мароко.
На Светските првенства Кристијано Роналдо постигна вкупно осум гола, од кои четири во Русија. Интересно е што постигна исто толку голови во квалификациите за ЕП и СП, по 36, со тоа што во квалификациите за СП постигна 47, а за континенталното натпреварување 39. На Европското првенство постигна 14 гола на 25 настапи, во Лигата на нации седум гола на 11 натпревари, на Купот на конфедерации два гола во четири настапи, додека на 52 пријателски натпревари со Португалија 20 пати ја погоди противничката мрежа.
Секако, бројот на настапи и постигнати голови не се единствените рекорди на Кристијано Роналдо. Португалскиот капитен е и првиот играч кој постигнал гол на пет светски првенства, првиот кој постигнал 10 хет-трика во репрезентативен дрес, најдобар стрелец и играч со најмногу настапи на ЕП и играч со најмногу настапи како капитен на Португалија.