ИСТРАГАТА ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА Е ПОЧНАТА ОД 5 ОБВИНИТЕЛИ СО ПРИВЕДУВАЊЕ ЛИЦА

Државниот обвинител Љупчо Коцевски утринава по состанокот со колегите од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани и со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, формирал тим од 5 обвинители кои ќе ја водат истрагата за денешната голема трагедијата кога во пожар во локалната дискотека „Пулс“ загинаа 51 млади луѓе, а 118 се повредени.

„Според првичните информации, како последица на искри од пиротехнички средства кои биле употребени за светлосен ефекти. Искрите го зафатиле таванскиот дел кој бил од лесна запалива материја по што пожарот  брзо се проширил. Според досегашните податоци 51 лице загина, а повеќе од 100 повредени. Починати лица има во повеќе болници во Македонија. Ќе се врши обдукција на секое загинато лице, за да се идентификуваат“, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференцијата во Кочани.

На прашањето дали дискотеката има дозвола и кој дозволил да има дискотека во куќа која е со решетки на прозорите и е веднаш до други куќи, Тошковски рече дека веќе има приведено лица во врска со пожарот и ќе се утврди одговорност. Не кажа колкумина се приведени, но дека вети дека одговорност ќе има со име и презиме.

За трагедијата има повеќемина приведени, но засега полицијата и обвинителството не соопштуваат каде ја бараат одговорноста.

Во пожарот се повредени 118 лица, а се лекуваат во болниците во Кочани и Штип и на Клиниката за пластична хирургија, на Клиниката за анестезија КАРИЛ, на Детска клиника интензивна нега, на Клиниката за неврохирургија, во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје и на Клиниката за хируршки болести „Наум Охридски“, изјави министерот за здравство Арбен Таравари. Тој рече дека засега има доволно резерви на крв, но кажа дека ќе информира ако има потреба од крвни деривати.

Црвениот крст соопшти дека достави и помош во болницата во Кочани со ќебиња, постелнина и инвалидски колички. Возилата на Црвениот крст од програмата за санитетски транспорт се ставени во функција на институциите на системот.

Отворени се наменски телефонски линии за прва психолошка помош на броевите 071/338-081 во Кочани, 074/203-030 во Штип и 072/271-048 во Скопје кои ќе бидат во функција 24/7.