Берлинската полиција денеска започна истрага за протекување информации за посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Германија во средината на мај, со што можеби е доведена во прашање таа посета.
„Мислам дека е целосно неприфатливо еден полицаец, ако им се верува на медиумите, на таков срамен начин да го наруши угледот на полицијата во Берлин, како на домашен, така и на меѓународен план“, рече претседателот на полициската управа во Берлин, Барбара Словик.
Берлинските дневни весници „Тагесшпигел“ и „Б.З“. вчера ја објавија веста дека германската полиција се подготвува за посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на 13 и 14 мај. Медиумите се повикуваат на „неименуван извор во берлинската полиција“.
Истиот извор наведе дека Зеленски ќе биде примен со воени почести од канцеларот Олаф Шолц, а потоа украинскиот претседател ќе отпатува за Ахен, каде треба да ја добие годинашната награда Карло Велики за придонес во Европа.
Берлинската полиција соопшти дека „во ниту еден момент“ официјално не доставила информации што може да ја загрозат безбедноста на државната посета, без конкретно да наведе дека станува збор за посета на украинскиот претседател.
Полицијата вчера попладне, откако веста за посетата на украинскиот претседател ја пренесоа сите медиуми, ја потврди информацијата која беше објавена пред тоа.
Патувањата на Зеленски се одвиваат под строги безбедносни мерки, а вестите и деталите за неговите патувања се објавуваат кратко пред поаѓањето.