Истражувачите од Технолошкиот институт во Масачусетс (MIT) го проучувале влијанието на ChatGPT врз човечкиот мозок и откриле дека користењето на оваа алатка е поврзано со пад на когнитивните способности.
Научниците ги поделиле луѓето во три групи и ги замолиле да пишуваат есеи за време на четиримесечна студија. Едната група се потпирала на ChatGPT, другата на пребарувачи, а третата воопшто немала можност да користи надворешни ресурси.
Додека го пишувале есејот, нивните мозоци биле скенирани со помош на електроенцефалографија, метод за снимање на мозочната активност, што покажало дека првата група, која се потпирала на ChatGPT, имала најниска невронска активација во делови од мозокот и имала најголеми тешкотии со потсетувањето и препознавањето на текстот.
„Во текот на четири месеци, корисниците на ChatGPT постојано добиваа лоши резултати на невронско, лингвистичко и бихејвиорално ниво“, според студија објавена од Independent .
Овие резултати покренаа загриженост дека честите корисници може да доживеат когнитивен пад.
„Резултатите покренуваат загриженост за долгорочните образовни импликации од потпирањето на ChatGPT и ја истакнуваат потребата од понатамошни истражувања за улогата на вештачката интелигенција во учењето“, се вели во извештајот.
Потоа научниците спроведоа втора рунда истражување каде што ги замолија групите да напишат есеј без никаква помош. Групата што претходно го користела ChatGPT, но овој пат не ѝ било дозволено да го стори тоа, се покажа дека постигнала најлоши резултати, при што нивното пишување е оценето како „пристрасно и површно“.
Водечката авторка на студијата, Наталија Космина, изјави дека иако ChatGPT е „ефикасен и практичен“, оние кои го користат за пишување есеи не го интегрираат во својата меморија. Таа истакна дека е особено загрижена за потенцијалното влијание на ChatGPT врз децата чии мозоци сè уште се развиваат.