Истражување за задоволството на Европејците од квалитетот на животот во нивните градови: Скопјани меѓу најнезадоволните

Околу 90 отсто од жителите на ЕУ изразуваат задоволство од начинот на живот во нивните градови, покажуваат резултатите од Извештајот на Унијата за квалитетот на животот во европските градови за 2023 година. Но, сепак вакво задоволство не споделуваат и жителите на градовите од Балканот, вклучително и скопјани, како и на неколку европски метрополи.   

Генерално, задоволството од начинот на живот е непроменето (40 проценти) или помало (29 отсто) во споредба со 2019 година, со исклучок на жителите на источноевропските градови, кои сметаат дека квалитет на животот е подобрен изминатите пет години, на што отпаѓаат 31 проценти од вкупниот број анкетирани. Дополнително, преовладува впечатокот дека помалите градови се перципираат како подобро место за живеење од повеќе аспекти, како безбедноста, достапноста до јавните простори и становите, здравствената заштита и квалитетот на локалната јавна администрација. Помалите места се сметаат и за подобри места за живеење за повозрасните луѓе, за семејствата со мали деца, но и за мигрантите. 

Оценките се вршени според повеќе критериуми, како степенот на задоволство од севкупниот начин на живот, условите за безбедно движење ноќе и за можностите за наоѓање вработување, финансиската состојба на домаќинствата, квалитетот на јавниот транспорт, воздухот, културните случувања и здравствената заштита, пристапот до зелени површини, степенот на корупција на јавна администрација, како и условите за живеење на повозрасните лица, припадниците на ЛГБТИК заедницата и на мигранти од други земји. 

Степен на задоволство од животот во градот 

Според овој критериум, Скопје се наоѓа на 75-то место од 83-те града опфатени со истражувањето, со 72 отсто задоволство на граѓаните. Нешто подобро од нашиот главен град се рангирани унгарскиот Мишколц (74 проценти) и црногорската Подгорица (77 отсто), а понезадоволни од скопјани според условите за животот во нивниот град се жителите на Рим (71 проценти), Белград (69 отсто), Неапол и Тирана (по 66 отсто), Истанбул и Атина (по 65 проценти) и на самото дно е Палермо со 65 отсто. 

Од друга страна на врвот е Цирих со 97 проценти задоволство, пред дански Копенхаген и холандски Гронинген со по 96 отсто, полскиот Гдањск, германскиот Лајпциг, шведскиот Стокхолм и швајцарска Женева со по 95 проценти и германскиот Росток, романскиот Клуж-Напока и португалската Брага со по 94 проценти задоволство. 

Подобрување на квалитетот на животот во градот во споредба од пред пет години 

Скопје е на претпоследното место според оценката дали квалитетот на животот во градот е зголемен во споредба од пред 5 години. Само 13 отсто скопјани оцениле дека квалитетот на животот во Скопје е подобар отколку пред пет години. Полошо е пласиран единствено Рим, каде само три проценти од жителите сметаат дека состојбата е подобрена изминатите пет години. 

Нешто позадоволни од скопјани се жителите на Болоња со 14 отсто, на Стокхолм и Минхен со по 15, на Барселона и Торино со по 16, на Малме и Дортмунд со по 17 и на Берлин со 18 проценти. 

Најголем проценти од оние кои сметаат дека квалитетот на живот во нивниот град се подобрил во споредба од пред пет години се пред се жителите на земјите од Источна Европа, кои станаа членки на ЕУ при големо проширување на блокот во 2004 година. На водечките позиции се полските градови Бјалисток и Гдањск со 64, односно 60 отсто задоволство, пред Клуж-Напока со 59, литвански Вилнус со 56, чешка Острава со 55, полски Краков и естонски Талин со по 53, бугарска Софија со 52, полска Варшава со 46, како и турскиот град Анталија со 45 проценти. 

Добро место за живеење за мигрантите од други земји 

Скопје, според анкетата, е градот кој е најлошо место за живеење за мигрантите од други земји. Така, само 33 отсто од анкетираните скопјани сметаат дека условите за живот на мигрантите во градот се добри, со што Скопје се наоѓа на последното место на листата. 

Пред Скопје е Софија со 49 отсто, а нешто подобро услови има и во Париз, Рим и Бјалисток со по 54 проценти, Белград со 55, Верона и Љубљана со по 57, Подгорица со 58 и Ираклион на грчкиот остров Крит со 59 отсто. 

Најдобри услови за живот на мигрантите, според неговите жители, нуди велшката престолнина Кардиф (95 проценти), пред португалските Лисабон и Брага со 90, односно 89 отсто, холандскиот Гронинген (88 проценти), потоа Гдањск, Барселона, британскиот урбан конгломерат Тајнсајд, чиј дел е и градот Њукасл и германскиот Хамбург со по 87 отсто и Хелсинки и Глазгов со по 86 проценти. 

Добро место за живеење на припадниците на ЛГБТИК заедницата  

Скопје и според условите за живот на припадниците на ЛГБТИК заедницата е при дното меѓу европските градови со 38 проценти позитивно мислење, што го сместува на 75-то место. 

Полоши услови од Скопје, според истражувањето, има во турскиот град Дијарбакир со само 27 отсто, кој е на последното место, а пред него се Тирана со 29, Истанбул со 34, Анкара, Бјалисток и романскиот Пијатра Неамц со по 35 проценти и Подгорица со 37 отсто. Подобро рангирани од Скопје се Ираклион со 42 и Белград со 53 проценти. 

Од друга страна „најпријателски“ услови за ЛГБТИК заедницата нуди Цирих со 96 проценти позитивно мислење, пред Рејкјавик со 95, Копенхаген со 94, Минхен, Гронинген и Кардиф со по 93 отсто, Стокхолм, Осло и финскиот Оулу со по 92 и Ла Валета со 91 отсто. 

Добро место за живеење на повозрасни луѓе 

И според овој критериум, Скопје е при дното на листата, на делба на 73-то место со Белград, со по 60 отсто позитивно мислење за условите за живот на повозрасните жители. 

Според овој критериум на последното место е Истанбул со 39 проценти, а пред него, сите со полоши услови од Скопје, се Рим со 47, Тирана и Атина со по 52, Љубљана со 54, Неапол со 55, Софија со 56 и Палермо со 58 отсто. 

Најдобри услови за живот за пензионерите, со по 95 отсто позитивни оценки, нудат Цирих, Росток, Луксембург и Пијатра Неамц, пред дански Алборг со 94, шпанска Малага и полски Бјалисток со по 93 проценти, шпански Овиедо со 92 и португалската Брага и францускиот Стразбур со по 91 отсто. 

Добро место за живеење за семејствата со мали деца 

И кога станува збор за условите за живот на семејствата со мали деца, Скопје е при дното, на 78-то место, со 60 проценти позитивно мислење, зад Атина со 61, Рим и Софија со 62 и Амстердам со 67 отсто. 

Истанбул и во оваа категорија е на последното место со 42 проценти, а пред него, но по Скопје, се Тирана со 52, Љубљана со 57 и италијанските Неапол и Палермо со 58, односно 59 отсто. 

Покрај за условите за мигрантите, Кардиф е шампион и кога станува збор за можностите што ги нуди за семејствата со мали деца со 96 проценти позитивна оценка, пред Оулу, Брага и Лајпциг со по 95, Гдањск и Росток со по 93 и Алборг, француски Рен, Женева и романскиот Пијатра Неамц со по 92 проценти. 

Чувство на безбедност при шетање ноќе  

Кога станува збор за тоа дали луѓето се чувствуваат безбедно додека шетаат сами ноќе низ градот, Скопје е во групата на градови каде под 60 отсто од анкетираните дале потврден одговор, што го сместува во долниот дел на табелата, но сепак не е меѓу 10-те „најнебезбедни градови“ во Европа. 

Таа неславна „титула“ ја носи Рим, каде само 38 проценти од жителите дале потврден одговор на ова прашање. Пред него, последната десетка ја заокружуваат Атина со 40 отсто, Марсеј со 43, Неапол, белгиски Лиеж и Истанбул со по 44 проценти, чешка Острава со 45 и унгарски Мишколц и бугарска Софија со по 48 отсто. 

За најбезбедни градови за шетање ноќе, со по 87 отсто позитивни одговори, се оценети Копенхаген, Овиедо и Љубљана, пред Бјалисток, Гронинген и Цирих со 86, Алборг со 85, Брага со 84 и Луксембург со 83 проценти. 

Степен на доверливост во луѓето од градот 

Скопјани не се прославија многу ни во однос на довербата кон своите сограѓани. Така, само 38 проценти од анкетираните жители на Скопје се согласиле со ставот дека може да им се верува на повеќето луѓе во нивниот град. Со ваква оцена, Скопје се најде на делба на 77-место со ист процент како и Белград. 

Анкетата покажа дека Балканците се најнедоверливи кон своите сограѓани. На последното место во оваа класификација се најде Истанбул со само 27 отсто позитивни одговори, зад Атина со 35, Софија со 36 и Подгорица и Мишколц со по 37 проценти. Една позиција пред Скопје и Белград е Тирана со 41 отсто, а пред неа се Будимпешта и Марсеј со по 42 проценти. 

Од друга страна, најголема доверба во своите сограѓани имаа жителите на дански Алборг со 87 отсто потврдни одговори, пред оние од Гронинген и Копенхаген со 56, Росток и Рејкјавик со по 85, Оулу со 84, Цирих и Осло со 83, Овиедо со 82 и Минхен со 81 процент. 

Чувство на осаменост во претходните четири недели 

Анкетата го разбива табуто дека жителите на југоистокот на Европа се подружељубиви од останатите Европејци, имајќи предвид дека според резултатите од истражувањето на дното на листата се градови од Балканот и Турција. Така, најосамени биле жителите на Дијарбакир со 26 отсто, пред оние на Подгорица со 22, на Софија и Анталија со по 21, Лил со 20, Лондон, Анкара, Истанбул и Овиедо со по 19 и Белфаст со 18 проценти.   

Скопје не е меѓу последните 10, но е во втората десетка од долу, со меѓу 16 и 17 отсто, заедно со Манчестер, Кардиф, Барселона, Неапол, Виена, Барселона, Бургас, Париз и Малага.   

Најмалку осамени биле жителите на Луксембург со четири отсто, пред оние од Стразбур со пет, Женева со шест, Антверпен со седум и Лиеж, Лил, Цирих, Брисел, Клуж-Напока, Копенхаген и Ираклион со по осум проценти. 

Можности за лесно наоѓање добра работа во градот 

Жителите на југот на континентот се најпесимистични околу можноста лесно да се најде добра работа во градот. Позитивен одговор на ова прашање дале само четири отсто од жителите на италијанскиот град Палермо, сместувајќи го на последното место на табелата. Меѓу десетте најголеми песимисти по оваа прашање, доминираат жителите на Италија и Шпанија. Така, пред Палермо е Неапол со 11 отсто позитивни одговори, а пред него се Овиедо со 16, Торино со 19, Рим со 20, Малага и Атина со 21, Мишколц со 23 и Барселона со 24 проценти. 

Скопје, котира нешто подобро на оваа листа во групата на градови со меѓу 30 и 43 отсто позитивни одговори, меѓу кои се и Белград, Загреб, Љубљана, Брисел, Марсеј, Никозија, Ираклион… 

Од друга страна, 79 отсто од жителите на Прага сметаат дека е лесно да се најде добра работа во нивниот град, што ја прави чешката престолнина лидер во оваа класификација. По Прага, следуваат романскиот Клуж-Напока со 73, Минхен и Братислава со 72, Хамбург со 71, Осло со 69, Стокхолм со 68, Варшава со 66 и Софија и Талин со по 65 отсто позитивни одговори. 

Задоволство од личната работна позиција 

Скопје одново е при дното во однос на задоволството на неговите жители со нивната лична работна ситуација. Позитивен одговор за тоа дали се задоволни со нивната лична работна ситуација дале 60 отсто од жителите на Скопје, сместувајќи го на делба на 76-то место со Мишколц и Белград.  

Понезадоволни од скопјани се жителите на Ираклион и Дијарбакир со по 54 отсто позитивни одговори, на Атина со 56, Палермо со 57 и Неапол со 59 проценти. Десетката на најнезадоволни ја предводат Торино со 62 и Подгорица со 63 отсто. 

Најзадоволни со нивната работа се жителите на Росток со 85 проценти, пред Луксембург и Рејкјавик со по 84, Женева, Дортмунд и Берлин со 83, Цирих, Алборг и Малме со 82 и Хамбург со 81 отсто. 

Лесно наоѓање добар станбен простор по разумна цена

Една од двете класификации во ова истражување во кои Скопје е при врвот е во однос на можноста лесно да се најде добар станбен простор во градот по разумна цена. Позитивно мислење на ова прашање дале 65 отсто скопјани, сместувајќи го Скопје на делба на третото место заедно со британскиот урбан конгломерат Тајнсајд. 

Пред Скопје се само дански Алборг и фински Оулу со по 68 отсто позитивни одговори. На петтото место е Палермо со 63, пред Пијатра Неамц со 61, Овиедо со 60, Бјалисток со 58, Подгорица со 55 и Белфаст со 54 отсто. 

Дека е лесно да се најде добар станбен простор по разумна цена во нивниот град сметаат само осум отсто од жителите на Женева, сместувајќи го овој швајцарски град на последното место во оваа класификација. Пред Женева се Минхен и Истанбул со по 10 отсто, Стокхолм, Хамбург и Цирих со по 11, Париз со 12, Луксембург и Копенхаген со по 14 и Братислава со 15 проценти.  

Задоволство од финансиската состојба на своето домаќинство 

Скопје е одново при дното и во однос на класификацијата за тоа колку луѓето се задоволни од финансиската состојба на нивното домаќинство. Дека се задоволни одговориле 51 отсто од жителите на Скопје, што го сместува градот на 81-то место.  

Понезадоволни од скопјани се само жителите на двата грчки града опфатени со анкетата – Ираклион и Атина, кои со 37, односно 39 отсто позитивни одговори, се на двете последни места. 

Пред Скопје, се Мишколц со 52, Лисабон со 53, Дијарбакир и Белград со по 54, Палермо и Мадрид со 55 и Будимпешта со 57 проценти. 

Најзадоволни, со 90 отсто позитивни одговори, се жителите на Цирих, пред оние на Луксембург со 88, на Осло со 87, Малме и Женева со по 85, Антверпен со 84, Копенхаген со 83, Стокхолм со 82 и Алборг и Грац со по 81 отсто. 

Чувство дека ќе добијат материјална помош во случај на потреба 

Парадоксално за „град на солидарноста“, жителите на Скопје најмалку имаат чувство дека ќе добијат материјална помош во случај на потреба. Само 51 отсто од скопјани дале позитивен одговор на ова прашање, сместувајќи го Скопје убедливо на последното место на оваа класификација. 

Пред Скопје се Ираклион со 57 проценти потврдни одговори, Женева, Истанбул и Анталија со по 58, Тирана со 59 и Луксембург, Дијарбакир, Белград и Анкара со 60 отсто. 

Најголеми оптимисти дека ќе добијат материјална помош во случај на потреба, се жителите на Гдањск со 88 проценти, пред Клуж-Напока со 87, Копенхаген со 86, Малме, Хелсинки и Бјалисток со по 85, Краков, Гронинген и Осло со 84 и Амстердам со 83 отсто. 

Користење на автомобили  

Втората класификација во која Скопје е при врвот во Европа е според тоа колку неговите жители користат автомобили во еден обичен ден. Со 64 отсто потврдни одговори, Скопје е на третото место, заостанувајќи само зад Брага со 70 и Рејкјавик со 68 проценти. 

Првата десетка зад Скопје ја заокружуваат Палермо и Никозија со 63 отсто, Тајнсајд со 60, Лиеж со 59 и Манчестер, Кардиф и Рим со по 58 проценти. 

Најмалку своите автомобили ги користат жителите на Стокхолм само 28 отсто, пред Париз со 31, Гронинген со 33, Копенхаген со 34, Осло и Цирих со по 35, Амстердам со 36, Виена со 37 и Женева и Букурешт со 38 проценти. 

Користење јавен превоз  

За разлика од возењето на автомобили, кога станува збор за користењето на јавен превоз во вообичаен ден, Скопје одново е при дното, односно на 76-то место, со само 28 отсто.  

Помалку јавен превоз од скопјани користат жителите на Никозија или 16 проценти, сместувајќи го кипарскиот главен град на последното место, а пред него се Тирана и Палермо со по 22, Подгорица со 24, Рејкјавик со 25, Гронинген со 26 и Брага со 27 отсто. Пред Скопје, како предводници на последната десетка се Ираклион и Верона со по 30 проценти. 

Јавниот превоз најмногу се користи во Прага и тоа 71 отсто, пред Париз со 62, Букурешт со 61, Стокхолм со 59, Анкара со 57, Варшава и Острава со по 56, Клуж-Напока и Будимпешта со по 55 и Белград на 10-то место со 54 проценти. 

Возење велосипед  

Кога станува збор за процентот на возење велосипед во еден типичен ден, Скопје е во една поголема група на градови кон средината на табелата со над 10 отсто, заедно со Лондон, Кардиф, Брисел, Варшава, Барселона, Букурешт, Будимпешта, Прага, Марсеј… 

Во однос на оваа класификација на првите позиции се градови од Холандија, Данска и Белгија. Град шампион е холандскиот Гронинген со 46 отсто, пред Амстердам со 39, Копенхаген со 35, Ротердам и Антверпен со 28, Алборг и Малме со 26, Оулу со 23 и Грац и Хамбург со 21 отсто. 

Најмалку велосипеди возат римјаните или само пет отсто. Пред Рим на дното на табелата се Белград и Вилнус со по шест проценти, Дијарбакир, Истанбул и Мадрид со по седум и Лиеж, Софија, Анкара и Клуж-Напока со по осум отсто. 

Пешачење 

Скопјани, според анкетата, не се покажале ниту како поборници на здравиот живот, имајќи предвид дека само 20 отсто изјавиле дека пешачат на дневно ниво, со што Скопје се најде на делба на 76-то место заедно со Гдањск. 

Како „најмрзеливи“ се покажале жителите на турските градови, кои се на самото дно на табелата и тоа Истанбул и Анкара со по 16 проценти, Анталија со 18 (исто колку и Краков и Ла Валета) и Дијарбакир со 19 проценти. Еден процентен поен поголеми љубители на пешачењето од скопјани се жителите на Рим и Белград со по 21 отсто. 

Од друга страна, најмногу пешачат жителите на Париз или 40 отсто, пред Стокхолм со 38, Хелсинки и Глазгов со 36, Рен, Лондон, Манчестер и Атина со 35, Марсеј со 34 и Мадрид со 33 проценти. 

Задоволство од јавниот превоз во градот 

Причината за слабото користење на градскиот превоз во Скопје можеби лежи во одговорите на следното прашање. Имено, според анкетата, само 47 отсто скопјани изјавиле дека се задоволни од јавниот превоз, што го рангира Скопје на 76-то место зад Букурешт со 54 и Мишколц со 53 проценети. 

Најнезадоволни од јавниот транспорт се жителите на Палермо, каде само 22 отсто дале позитивен одговор, пред оние од Рим и Тирана со по 29, Неапол со 30, Подгорица со 37 и Белград и Никозија со 44 проценти. 

Најголем степен на задоволство од јавниот превоз во својот град изразиле жителите на Цирих или 95 отсто, пред Виена со 91, Ротердам и Хелсинки со 89, Осло, Прага и Женева со 88 и Хамбург и Росток со 87 проценти. 

Задоволство од културните објекти во градот 

Истражувањето покажува и дека скопјани не се премногу задоволни ниту од културните објекти во градот, со што со 56 отсто Скопје е на 80-то место, само пред Подгорица со 55, Тирана со 49 и Ла Валета со 44 проценти. Пред Скопје е Ираклион со 58, а пред него се Дијарбакир, Неапол, Палермо и Истанбул со 61, како и Атина со 63 отсто. 

Најголемо задоволство, односно 97 отсто, од културните објекти во својот град изразиле жителите на Цирих, пред оние од Гронинген и Талин со по 93, Хелсинки, Гдањск, Рејкјавик и Луксембург со по 92 и Хамбург, Малме и Виена со 91 отсто. 

Задоволство од зелените површини во градот 

Скопје е рангирано на 80-то место и кога станува збор за задоволството на жителите од зелените површини во градот. Според анкетата, само 36 отсто од граѓаните на Скопје изрази задоволство од зелените површини во градот. Понезадоволни од скопјани во однос на зеленилото во нивниот град се само жителите на Палермо со 34 проценти, на Ираклион со 32 и на Неапол со 31 отсто. 

Нешто позадоволни од граѓаните на Скопје, се жителите на Атина со 37 проценти, на Тирана со 38, Ла Валета со 43, Истанбул со 53, Подгорица со 55 и Никозија со 56 отсто. 

Од друга страна и во оваа класификација титулата „замина“ во Швајцарија, овој пат кај Женева, чиј жители изразиле 94 отсто задоволство од зелените површини во градот. Потоа следуваат, Малме со 92, Осло и Минхен со 91, Хелсинки и Гронинген со 90 и Хамбург, Копенхаген, Кардиф и Рен со 89 проценти. 

Задоволство од здравствените услуги во градот 

Нивото на задоволството на граѓаните од здравствените услуги во градот е уште една класификација во која Скопје е на последното место. Според истражувањето, само 27 отсто од скопјани се задоволни од здравствените услуги во градот. 

Пред Скопје се Мишколц со 35 проценти задоволство, Подгорица со 36, Палермо со 37, Будимпешта со 38, Неапол и Атина со по 39, Белград со 41 и Пијатра Неамц и Букурешт со по 45 отсто. 

Цирих е лидер и во оваа класификација со 93 проценти, пред Гронинген со 92, Антверпен и Женева со 91, Лиеж и Минхен со 89, Луксембург, Амстердам и Осло со 88 и Брисел со 87 отсто задоволство на жителите од здравствените услуги. 

Задоволство од квалитетот на воздухот во градот 

На последното место на листата Скопје е и во однос на прашањето за задоволството на жителите од квалитетот на воздухот во градот. Според резултатите од истражувањето, само 12 отсто од скопјани изјавиле дека се задоволни од квалитетот на воздухот. 

Пред Скопје се Букурешт со 20 отсто, Краков со 22, Париз со 26, Атина со 28, Торино и Тирана со 29, Рим со 31 и Белград и Острава со по 33 проценти. 

Најнезагаден воздух, според анкетата, има Цирих. Вкупно 89 отсто од жителите на овој швајцарски град изразиле задоволството од квалитетот на воздухот, по што следуваат Хелсинки и Росток со по 88, Алборг со 87, Оулу, Гронинген и Бјалисток со 85, Рејкјавик и Лајпциг со 83 и Даблин со 82 проценти. 

Задоволство од нивото на бучава во градот 

Скопје е при дното, односно на делба на 78-то место заедно со Тирана и Атина, кога станува збор за задоволството на жителите од нивото на бучава во нивниот град. Само по 36 отсто од жителите на Скопје, Тирана и Атина изјавиле дека се задоволни од нивото на бучава во градот.  

Зад нив се само Истанбул со 33, Палермо со 31 и Букурешт со 31 проценти, а пред нив Софија и Неапол со по 38 и Париз и Рим со по 43 проценти. 

„Најнебучен“ град според анкетата е финскиот Оулу со 87 отсто, пред Даблин, Тајнсајд и Малме со по 82, Алборг и Гронинген со по 81, Рејкјавик, Росток и Хелсинки со по 80 и Кардиф со 79 проценти. 

Задоволство од хигиената во градот 

Анкетата покажува дека само жителите на Марсеј (22 отсто), на Рим (11 проценти) и на Палермо (шест проценти) се понезадоволни од скопјани во однос на хигиената во нивниот град. Со 23 отсто задоволство на граѓаните од нивото на хигиена во градот, Скопје се најде на 80-то место на листата. 

Нешто позадоволни од скопјани се жителите на Неапол со 25 проценти, на Атина со 34, на Софија со 35, Париз и Букурешт со по 36 и на Белград со 38 проценти. 

Жителите на Луксембург, односно 93 отсто од нив, сметаат дека нивниот град е најчист во Европа. По Луксембург со по 89 проценти задоволство од хигиената следуваат Бјалисток и Цирих, пред Овиедо со 88, Минхен, Оулу и Виена со 83, Гронинген и Љубљана со 81 и Алборг со 80 отсто. 

Задоволство од ажурноста на локалната јавна администрација  

Скопје е на делба на 79-то место со Загреб во однос на прашањето за задоволството на граѓаните од ажурноста на локалната јавна администрација на градот, на што потврдно одговориле 30 отсто од анкетираните. 

Понезадоволни од скопјани и загрепчани од локалната администрација се само жителите на италијанските градови Палермо (13 отсто), Рим (17 проценти) и Неапол (27 отсто). На дното на листата пред Скопје и Загреб се Торино со 34 проценти, Ираклион со 35, Лисабон со 37 и Рејкјавик и Берлин со по 39 отсто. 

На врвот на листата се двата швајцарски града опфатени со анкетата, Цирих и Женева, чии жители се 83, односни 81 отсто, задоволни од ажурноста на локалната администрација, пред Алборг со 74 проценти, Луксембург и Виена со 72, Клуж-Напока, Гронинген, Стразбур и Анталија со по 70 и Хамбург со 69 проценти. 

Корупција во локалната јавна администрација 

Дури 84 отсто од анкетираните скопјани изјавиле дека се согласуваат со исказот оти има корупција во локалната јавна администрација на градот. Поголем сомнеж од скопјани за корумпираност на локалната администрација, изразиле само жителите на Загреб и Белград, со 87, односно 88 проценти. 

Нешто подобро рангирани од Скопје се Букурешт со 83, Подгорица со 82, Рим со 81, Палермо со 78, Клуж-Напока со 77, Софија со 76 и Рига со 75 отсто. 

Најниско ниво на корупција, според 20 отсто од нивните жители, има во локалните администрации на Копенхаген и Цирих. По нив следуваат Рен со 24, Гронинген со 26, Алборг со 27, Ла Валета со 31, Стразбур и Малме со по 33 и Минхен и Росток со по 34 проценти. 

Со истражувањето се опфатени 71.153 жители од 83 градови од земјите членка на ЕУ и Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), од државите од Западниот Балкан, како и од Велика Британија и Турција. Во рамки на анкетата, спроведена меѓу јануари и април 2023 година, биле интервјуирани по најмалку 839 жители од секој град.  

Европската комесарка за кохезија и реформи Елиса Фереира изрази задоволство од резултатите од анкетата, нагласувајќи дека квалитетот никогаш не е случајност и тој зависи од интелигентен напор.  

– Задоволството и можностите не се случуваат случајно – клучни се интелигентните напори на градовите во Европа. Европската кохезивна политика ги поддржува во тоа, како дел од нашата мисија да обезбедиме да не остане исклучено ниту едно место. Затоа, охрабрувачки е да се прочита дека квалитетот на животот во европските градови останува висок: речиси девет од десет луѓе велат дека се задоволни од животот во својот град, оцени Фереира. 

Според неа, иако има одредено намалување на задоволството во западните градови, позитивно е тоа што градовите во источните делови на ЕУ продолжуваат да го достигнуваат европскиот просекот.

– Сепак, има уште работа. Се уште постои јазот север-југ. Најмало задоволство е забележано на југот, а особено во градовите што не се членки на ЕУ, додаде таа. 

Според Фереира, податоците од овој извештај даваат практични сознанија за креаторите на политиките и корисни информации за граѓаните. 

– Јас лично научив три клучни лекции. Прво, дека можностите се важни. Особено висококвалитетни можности за работа, кои се клучна одредница на задоволството. Мора да се погрижиме сите Европејци да имаат пристап до таквите можности, каде и да живеат. Втората лекција е дека јавните услуги и јавната администрација се важни. Имено, мобилноста и задоволство од јавниот превоз е уште една клучна детерминанта за задоволство од вашиот град. Но, и јавната администрација игра важна улога во креирањето на задоволство: од планирањето на градот, до јавните услуги, како што се болници, училишта и други понуди. Третата лекција е дека квалитетот на животот е повисок во малите и средните градови. Тие се сметаат за побезбедни, почисти и помалку бучни. На нив се гледа како на подобри места за живеење, во секој дел од животниот циклус – од семејства кои воспитуваат мали деца, до периодот на стареење, додаде Фереира. 

Таа смета дека сите овие лекции имаат важни политички импликации, бидејќи никој нема корист кога работните места, особено висококвалитетните, се концентрираат само во неколку градови.  

– Сите имаме корист од подеднаквите услови и порамномерно ширење на економската активност. Потребни се повеќе можности во малите и во градовите со средна големина и нивните опкружувања, како и намалување на големиот метеж и трошоците за домување во големите градови. Сето ова, заедно со многу други вредни лекции, може да се најдат низ овој извештај. Силно ги охрабрувам креаторите на политики на сите ниво да го прочитаат и да имаат корист од него, заклучи Фереира.