Телата пронајдени во реката Ди во Абердин се потврдени како тела на исчезнатите сестри Елиза и Хенриета Хусти по кои се трагаше во јануари.
Полицијата на Шкотска претходно изјави дека нема ништо што укажува на сомнителни околности или криминални активности.
Елиза и Хенриета Хусти, на возраст од 32 години, последен пат беа видени на 7 јануари на надзорна камера на улицата Маркет во градот во близина на мостот Викторија, околу 02:12 часот. Биле видени како го преминуваат мостот и свртуваат десно на пешачката патека покрај реката Ди.
Нивното исчезнување предизвика голема полициска операција, а деталната потрага по реката Ди траеше три недели.
Во утринските часови на 31 јануари, женско тело беше забележано, а потоа извлечено од водата во близина на мостот Кралица Елизабета. Тогаш полицијата изјави дека се уште не е извршена официјална легитимација, но семејството било известено.
Околу 21 часот истата вечер, телото на друга жена беше пронајдено во дел од реката во близина на мостот Викторија. Сè уште не е извршена официјална идентификација, но нејзиното семејство е информирано. Полицијата сега потврди дека телата им припаѓале на сестрите.
„Двете тела пронајдени во реката Ди на 31 јануари 2025 година сега се официјално идентификувани како Хенриета и Елиза Хусти, кои беа пријавени за исчезнати на 7 јануари 2025 година”, изјави високиот инспектор Дејвид Ховисан.
„Истрагата сè уште е во тек за да се утврди точната причина за смртта, но нема индиции за сомнителни околности “, додаде тој.
Сестрите се дел од тројкa
Инспекторите претходно изјавија дека нема докази дека жените го напуштиле непосредното подрачје, ниту пак нешто што би укажувало на сомнителни околности или криминални активности. Полицијата откри дека сестрите – кои се дел од тројки и по потекло од Унгарија – го посетиле мостот каде последен пат биле видени приближно 12 часа пред да исчезнат.
Утрото кога исчезнале му испратиле и СМС порака на сопственикот дека нема да се вратат во станот.
,,Сè што сакаме е да бидат пронајдени“, рече тогаш нивното семејство.
Тие се однесувале нормално пред да исчезнат.
Братот на исчезнатите лица претходно изјави дека неговите сестри, кои по потекло се од Унгарија, но живеат во центарот на Абердин, изгледале добро деновите пред нивното исчезнување. Јозеф рече дека нивната мајка разговарала со нив неколку дена пред да исчезнат.
Разговорот траеше 40 минути и ништо не изгледаше невообичаено. Нивната сестра Едит додаде дека разговарала со нив преку видео повик за да ја прослават новогодишната ноќ и дека изгледаат среќни.