ИСЧЕЗНА ШЕФОТ НА КИНЕСКАТА ДИПЛОМАТИЈА? Чин го нема веќе 3 недели, кружат разни приказни, а важни информации за него се избришани од транскриптот

Шефот на кинеската дипломатија Чин Ганг (57) не е виден во јавноста веќе три недели, што е исклучително долго време со оглед на настаните во меѓународната политика, како и дипломатските активности во Пекинг.

Неговото отсуство предизвика многу шпекулации и покрај тоа што Чин се сметаше за доверлив човек на кинескиот претседател Кси Џинпинг.

CNN наведува дека Кина е позната по затвореноста. Чин Ганг е дипломат од кариера, кој беше именуван за министер за надворешни работи во декември , откако накратко беше амбасадор на Народна Република Кина во Соединетите држави. Тој остро го критикуваше официјален Вашингтон откако односите меѓу двете земји се влошија поради инцидентот со кинескиот шпионски балон што беше соборен над САД пред неколку месеци.

Чин одигра клучна улога во последователните обиди да се стабилизираат односите и да се врати комуникацијата меѓу Пекинг и Вашингтон, вклучително и средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на неговата посета на Пекинг во јуни.

Последен пат бил виден во јавноста на 25 јуни на состанок со претставници на Шри Ланка, Виетнам и Русија во Пекинг. Во неговото последно појавување во јавноста, тој беше виден како насмеан додека шеташе покрај Андреј Руденко, заменик-министер за надворешни работи на Русија, кој дојде во Пекинг да се сретне со кинеските власти откако платеничката група Вагнер се побуни.

– Имајќи го предвид глобалниот статус и влијанието на Кина, навистина е невообичаено што нејзиниот министер за надворешни работи не се појавува во јавноста повеќе од 20 дена – вели Денг Јувен, кој е поранешен уредник на весникот на Комунистичката партија, кој сега живее во САД.

ОДЛОЖУВАЊЕ НА СОСТАНОК

Отсуството на кинескиот министер стана уште позабележително во последните недели кога високите американски функционери Џенет Јелен и Џон Кери го посетија Пекинг. Чин Ганг требаше да се сретне со еврокомесарот за надворешна политика Џузепе Борела претходно овој месец во Пекинг, но состанокот беше одложен откако Кина го информираше Брисел дека договорените датуми „повеќе не се можни“, објави тогаш Ројтерс, цитирајќи портпарол на ЕУ.

Тој состанок беше одложен само два дена пред планираното патување на Борело.

На новинарско прашање за продолженото отсуство на министерот на прес-конференција во понеделникот, портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи рече дека „нема дополнителни информации“ и додаде дека дипломатските активности на Кина се одвиваат како и обично.