Италијанската премиерка Џорџа Мелони денес го обвини Израел дека ја преминал линијата на пропорционалност во воената офанзива во Појасот Газа и порача дека земјата „нема право да го спречи создавањето палестинска држава.
„Израел ја надмина таа граница со воен напад од големи размери што несразмерно ја вклучи палестинската цивилна популација. Со тоа Израел ги прекрши хуманитарните норми, предизвикувајќи масакр меѓу цивилите“, изјави Мелони пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Потврдувајќи ја поддршката на Италија за решение со две држави, таа нагласи: „Израел нема право да ја спречи утрешната палестинска држава, ниту да гради нови населби на Западниот Брег со цел да го попречи тоа.“
Мелони истакна дека Италија ќе поддржи „дел од санкциите предложени од Европската комисија против Израел“ и го повика Тел Авив „да излезе од замката на оваа војна“ во име на својата историја, демократија и вредностите на слободниот свет, нагласувајќи дека мирот не може да се постигне само со воени средства.
Италијанската премиерка изјави дека Рим ја потпишал Њујоршката декларација за дводржавно решение, но нагласи дека признавањето на Палестина мора да има два предуслова – ослободување на сите заложници и исклучување на Хамас од владини функции.
Украина
Осврнувајќи се на војната во Украина, Мелони ја обвини Русија, постојана членка на Советот за безбедност на ОН, за „намерно газење“ на Повелбата на ОН со кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на друга држава.
Таа рече дека Москва „не покажува никаква волја“ за прифаќање мировни преговори и предупреди дека конфликтот има „дестабилизирачки ефекти далеку надвор од границите на Украина“.
Потсетувајќи дека ОН се основани во 1945 година со примарна цел да спречат нови конфликти по Втората светска војна, Мелони додаде:
„Прашањето што мора да си го поставиме, 80 години подоцна, е: успеавме ли? Одговорот сите го знаете бидејќи е во вестите и е немилосрден. Мирот, дијалогот и дипломатијата повеќе не изгледаат доволни за да убедат и победат. Употребата на сила премногу често преовладува.“