Италијанскиот производител на луксузни автомобили Ферари објави дека ќе ги зголеми цените на некои модели за 10 отсто за да ги ублажи ефектите од очекуваното зголемување на американските тарифи .
Цената на сите автомобили увезени во САД пред 2 април ќе остане иста, се вели во соопштението на компанијата.
По овој датум, цените за трите фамилии на модели „Ferrari 296“, „SF90“ и „Roma“ ќе останат непроменети, додека моделите „SUV Purosangue“, „12Cilindri“ и „F80“ ќе поскапат, се додава во соопштението.
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата објави дека почнувајќи од 2 април, ќе воведе царина од 25 отсто за автомобилите произведени надвор од САД.
Ферари ги произведува сите свои автомобили исклучиво во својата фабрика во Маранело.
Не е јасно каков ефект ќе имаат тарифите врз продажбата на Ферари, бидејќи повеќето негови возила веќе имаат листа на чекање повеќе од една година, пишува CNBC.
Купувачите на возила „Ферари“ се генерално доволно богати за лесно да го толерираат поскапувањето на нивните омилени автомобили.
Ферари забележа одлични резултати минатата година бидејќи неговиот профит се зголеми за 21 отсто на 1,5 милијарди евра, објави АНСА.
Приходите на Ферари за изминатата година се зголемија за 11,8 отсто на 6,67 милијарди евра, а компанијата испорача 13.752 автомобили.
Како што објави Блумберг, добрите резултати се постигнати пред се благодарение на силната продажба во САД, која скокна за осум проценти на годишно ниво.