– Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани денес ја отфрли можноста за праќање војници во Украина и за употреба на италијанско оружје за напади на цели во Русија.
„Невозможно е Италија да прати војници во Украина, како и да се користи нашето оружје во Русија“, рече Тајани пред неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во чешкиот главен град Прага.
Нагласувајќи дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина, италијанскиот министер, сепак, рече дека според Уставот на Италија, невозможно е да се дозволи употреба на нејзино оружје за напад на Русија и да распореди војници во Украина.
„Ние не се бориме против Русија. Ние ја браниме Украина, (тоа) не е исто“, додаде тој.
Претходно генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Украина има право на самоодбрана и тоа го вклучува и „правото да се напаѓаат легитимни воени цели во Русија“.